Владината служба за односи со јавноста, како за секоја активност на премиерот така и за вчерашниот прием на ракометарите на „Вардар“, до медиумите испрати стандардна содржина – соопштение, фотографии и видео-инсерти од средбата во Влада. На една од фотографиите прикажана е плакета што премиерот Зоран Заев од името на Владата на Република Северна Македонија им ја врачил на европските шампиони. Ова би била класична протоколарна вест доколку пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија не објавеше „твит“ со фотографија од плакетата проследена со текст: „Не го зеле, им го оставиле во владината зграда“.

Објавата на пратеникот Стевананџија на „Твитер“ веднаш стана вест на некои портали.

Ова е лажна вест, велат од владината прес-служба за „360 Степени.“
„Управата на Вардар го прими и го зеде со себе доделеното признание и секоја поинаква информација за ова прашање е лажна вест “.
Го побаравме и Стевананџија за да го прашаме од каде му е информацијата дека ракометарите одбиле да го земат признанието од Владата.
„Не е информација, прашање е“ – се обиде Стевананџија првично да го релативизира „твитот“.
На нашата забелешка дека на објавата на „Твитер“ нема прашалник, Стеванаџија дополни:
„Добро, информација е од извори блиски до ракометарите.“
За одговорноста што ја имаат особено јавните личности, да бидат внимателни што споделуваат во јавноста, пратеникот кратко прокоментира:
„Во ред, тогаш ќе мислиме во иднина.“
По објавувањето на оваа вест, Стевананџија бараше дополнување на изјавата:
„Во минатото сме биле сведоци како и владини портпароли објавуваат информации дека сме добиле датум за преговори, дека нема двојазичност и уште многу факти за кои времето покажало дека се лажни.“, дополни Стевананџија.
