За да се избегне политичко влијание врз републичкиот јавен обвинител, треба да се смени начинот на кој се прави неговиот избор – смета поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, која во четвртокот беше разрешена од функцијата јавен обвинител по дисциплинската постапка што ја иницира токму државниот обвинител Љубомир Јовески

За да се избегне политичко влијание врз републичкиот јавен обвинител, треба да се смени начинот на кој се прави неговиот избор, вели поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска. Таа додава дека споделува ист став со министерот за правда Кренар Лога дека наместо со просто, Собранието треба да го избира државниот обвинител со двотретинско мнозинство.
„Имав прилика во месец јули, на еден настан, да се сретнам со министерот Лога и да разговараме токму на таа тема. И негово мислење и став, со кој апсолутно се сложувам, е да се избира (државниот обвнитител, н.з.) не со обично мнозинство, туку со двотретинско во Собранието. И тогаш ниту една партија не може да каже – еве, покоен Зврлевски, партиски војник на ВМРО – така го етикетираа. Или Љубомир Јовески – партиски војник на СДСМ. Јас не верувам дека ниту едниот ниту другиот биле до толку партиски војници. Но, кога Владата го предлага, нормално, се претпоставува дека тој или таа е близок со таа партија“,
вели Русковска во интервју за „360 степени“.
Според неа, двотретинското мнозинство ќе обезбеди поширока дискусија меѓу парламентарците и со тоа ќе мора да најдат консензус за најдобриот кандидат, а не како сегашната процедура кога Владата го предлага, а Собранието го гласа со обично мнозинство.
Русковска беше прашана и каде „пукна тиквата“ во нејзините односи со државниот обвинител Љубомир Јовески, кој ја иницира дисциплинската постапка за неа и за нејзините колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска.

„Имавме одлична релација, одлична комуникација. Се сеќавам, бев на годишен одмор кога ми се јави обвинителот. Си разговаравме и следниот ден, навистина бев изненадена кога излезе соопштението за медиуми од Јавното обвинителство на Република Македонија против мене. Навистина бев изненадена, претходниот ден ние разговаравме на телефон. Што било причината, навистина не знам“,
изјави Русковска.
Иако вели дека никогаш не прифатила политички притисок врз нејзината работа, Русковска смета дека за да се промени негативната перцепција, „политичарите треба да ги тргнат рацете од судството“.
„Еве и јас ќе цитирам од меѓународните извештаи дека ‘политичарите треба да ги тргнат рацете од судството’ воопшто. Тоа мислам дека амбасадорот на Кралството Холандија во едно обраќање го има кажано, а стои и во Извештајот од Европската комисија. Јас не сум прифаќала никаков притисок и затоа дошло до мое разрешување“,
вели Русковска.
