Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната партиска дебата „Економски принципи“ најави дека доколку дојдат на власт, ќе ги зголемат пензиите линеарно за 5 000 денари и ќе обезбедат 250 милиони евра годишно за капитални инвестиции на општините.
„Сакам да ги споменам пензионерите, кои ги гледаме со месеци буквално измрзнати, гладни, чекорат по плоштадите и улиците барајќи правична распределба на средствата од буџетот, барајќи линеарно зголемување на пензиите. Во оние средби што јас ги имав со нив изминативе два месеци го поставија тој праг на околу 5 000 денари“,
рече Мицкоски.
Тој најави дека еден од приоритетите ќе им бидат капиталните инвестиции.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди една милијарда евра во четиригодишен мандат или 250 милиони годишно за општините за капитални инвестиции, ќе покажеме дека не се сите исти. Проектот кој ВМРО-ДПМНЕ има намера да го аплицира, тоа е проектот да обезбедиме 250 милиони евра годишно од централниот буџет за инвестиции капитални во општините за основни потреби. Затоа што овие, од безрбетници кои ја понижија и опљачкаа Македонија, устата им е полна со Европа, но некако граѓаните во Македонија ги немаат можностите да ги имаат основните услови за живот“,
изјави тој.
Мицкоски рече дека со актуелната влада недостасуваат водоводи, канализација, асфалт, училишта и градинки. Рече дека покрај европските интеграции, приоритет на ВМРО-ДПМНЕ се граѓаните.
„Ајде да видиме сега кои се нивните потреби и ние од централниот буџет да инвестираме, да можат тие пари потоа да ги обезбедат основните потреби за нашите сограѓани“,
потенцира Мицкоски.