Прелиминарната истрага утврдила дека инцидентот во оваа фаза „не е поврзан со тероризам“

Нема индикации за тероризам во инцидентот на мостот „Виножито“ што ги поврзува САД и Канада, а во кој две лица загинаа кога се запали автомобил што влетал од САД, потврди на прес-конференција специјалниот агент на ФБИ, Метју Мираглиа.
Запрашан зошто верува дека нема терористичка закана, Мираглија рече: „Имаме некого на ум во врска со овој настан и работиме на тоа преку Заедничката работна група за борба против тероризмот“.
„Немаме такви информации за овој поединец што го идентификувавме, ги скенираме неговите социјални медиуми, нема ништо таму. Сè уште правиме темелна истрага, така што ова е прелиминарна проценка“,
рече Мираглиа.
Трини Рос, американскиот обвинител за западниот округ на Њујорк, ја повтори таа оценка, велејќи дека прелиминарната истрага утврдила дека инцидентот во оваа фаза „не е поврзан со тероризам“.
„Но, ние ќе продолжиме да бидеме внимателни“,
рече Рос, нагласувајќи дека луѓето можат да бидат мирни знаејќи дека властите веруваат дека ова не е терористички инцидент.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, не можеше да го потврди потеклото на возилото што експлодира на границата меѓу САД и Канада при што загинаа две лица, но истакна оти постои сомнеж дека возилото можеби дошло од областа каде што се наоѓа казино.
„Станува збор за жител на западен Њујорк, кој најверојатно бил во делот околу казиното пред, со таа екстремно голема брзина со која се движело возилото, да удри и да експлодира“,
изјави Хочул.
Таа додаде дека нема какви било закани за областа и дека истрагата е во тек.
Си-ен-ен, повикувајќи се на информации од истражителите, пренесува дека во возилото марка „бентли“ биле двајца сопружници кои требало да одат на рок-концерт, но откако тој бил откажан, отишле во казино.
Сликите на социјалните мрежи и од надзорните камери покажуваат расфрлани остатоци од автомобилот зафатени во густ чад и пламен. Со полесни повреди се здобил и вработен во граничната полиција во кабината, потврди гувернерот Хочул.
Експлозијата, која се случи во пресрет на американскиот Ден на благодарноста, предизвика затворање на мостот „Виножито“ и на три други гранични премини меѓу западниот дел на Њујорк и јужниот дел на Онтарио. Исто така, накратко биле одложени и летовите од меѓународниот аеродром „Бафало Нијагара“.
Гувернерката Хочул вели дека три копнени премини се отворени, а мостот „Виножито“ останува затворен.
На социјалната мрежа „Икс“ американската агенција за царина и гранична заштита (CBP) има објавено снимка од безбедносната камера и на неа се гледа како автомобилот се движи со голема брзина, а потоа удира во ограда и лета во воздух пред да удри и да се запали.
CBP is working closely with @FBI, federal, state & local partners in response to a vehicle explosion at Rainbow Bridge which remains closed. Out of abundance of caution, CBP temporarily suspended inbound/outbound traffic at 3 other Buffalo crossings that have since reopened. pic.twitter.com/pTXyUsavRB
— CBP (@CBP) November 22, 2023
По инцидентот, канадскиот премиер Џастин Трудо оцени дека денешната експлозија на возило на канадско-американскиот граничен премин во близина на Нијагарините водопади претставува „многу сериозна ситуација“, а Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден „внимателно го следи развојот на настаните“.
Трудо рече дека се размислува за активирање на „дополнителни мерки“ на граничните премини низ Канада.