Возило експлодира на мост што ги поврзува САД и Канада во близина на Нијагарините водопади, објави ФБИ, пренесе Би-би-си. Инцидентот се случил на мостот „Виножито“ еден ден пред Денот на благодарноста во САД, еден од најпрометните денови во годината
Канадскиот премиер Џастин Трудо оцени дека денешната експлозија на возило на канадско-американскиот граничен премин во близина на Нијагарините водопади претставува „многу сериозна ситуација“, а Белата куќа соошти дека американскиот претседател Џо Бајден „внимателно го следи развојот на настаните“.
„Ова е очигледно многу сериозна ситуација кај Нијагарините водопади. Имаше експлозија на возило на мостот Реинбоу“,
изјави Трудо пред Долниот дом.
Трудо рече дека се размислува за активирање на „дополнителни мерки“ на граничните премини низ Канада.
Во возилото имало две починати лица, изјави за АП службеник на органите на редот. Службеникот не бил овластен јавно да разговара за деталите од истрагата и разговарал со АП под услов да остане анонимен.
Како што веќе објавивме, возило експлодира на мост што ги поврзува САД и Канада во близина на Нијагарините водопади, објави ФБИ, пренесе Би-би-си. Инцидентот се случил на мостот „Виножито“ еден ден пред Денот на благодарноста во САД, еден од најпрометните денови во годината.
Возилото се обидувало да влезе во САД кога експлодирало. Сите гранични премини во моментов се затворени до понатамошно известување, информираа властите.
Говорејќи за ВГРЗ-ТВ, сведокот Мајк Гинтер рекол дека го видел возилото како со голема брзина вози кон преминот од американската страна на границата, потоа скршнало за да избегне друг автомобил, удрило во оградата и експлодирало.
„Одеднаш се крена во воздух, а потоа беше огнена топка висока десет метри. Никогаш не сум видел такво нешто“,
изјавил тој.