Министрите за надворешни работи предупредуваат дека Северна Кореја продолжува со ширење на своите незаконски нуклеарни и балистички потенцијали и ескалира со своите дестабилизирачки активности
Министрите за надворешни работи на групата седум водечки индустриски демократии – Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД (Г7), како и високиот претставник на ЕУ, најостро го осудија лансирањето на Северна Кореја во кое се употреби балистичка ракетна технологија.
Во заедничката изјава објавена денеска се вели дека „оваа акција претставува голема закана за стабилноста на регионот и пошироко“.
„Секое лансирање со употреба на балистичка ракетна технологија, дури и ако е окарактеризирано како сателит за воено разузнавање, претставува јасно и флагрантно кршење на постоечките резолуции на Советот за безбедност на ОН“,
се додава во изјавата.
Министрите за надворешни работи предупредуваат дека Северна Кореја продолжува со ширење на своите незаконски нуклеарни и балистички потенцијали и ескалира со своите дестабилизирачки активности.
„Уште еднаш повикуваме на целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров и бараме Северна Кореја да го напушти своето нуклеарно оружје, постоечките нуклеарни програми, како и секое друго оружје за масовно уништување… целосно, верификувано и тоа да биде неповратен процес, а соодветно сите релевантни резолуции на СБ на ОН“,
се вели во заедничката изјава.
Министрите истакнуваат дека Северна Кореја не може и никогаш нема да добие статус на држава со нуклеарно оружје според Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
Г7 исто така испратија остра осуда за трансферот на оружје од Северна Кореја до Русија, што е директно нарушување на релевантните резолуции на СБ на ОН.
„Ги повикуваме двете земји да ги почитуваат овие резолуции и веднаш да запрат со сите такви активности. Посебно сме загрижени за каков и да било трансфер на нуклеарна или ракетна технологија (од Русија) до Северна Кореја, што и понатаму би било закана за мирот и стабилноста на регионот, како и насекаде низ светот“,
се наведува во изјавата на Г7.
Од Г7 и ЕУ го осудуваат и нарушувањето на човековите права во оваа земја и насилствата „каде наместо ресурсите да се трошат за благосостојбата на луѓето, тие се користат за производство на оружје за масовно уништување“. Тие ја повикаа Северна Кореја да избере дипломатија и да ги прифати повторените понуди од Јапонија, САД и Република Кореја без никакви предуслови.