Според албанскиот премиер, генералниот секретар Јенс Столтенберг со голем интерес го дочекал неговиот предлог да се создаде формат на НАТО – Западен Балкан на кој ќе учествуваат не само земјите членки на Алијансата од регионот, туку и земјите партнери на НАТО, како Белград, Приштина и Сараево
Побара да се зголеми бројот на силите на НАТО во Косово и да се гарантира границата помеѓу Косово и Србија, граница која, како што рече, е надвор од контрола и е во служба на илегални активности, шверцување оружје, наркотични средства и активности кои во понатамошниот тек се вмешуваат во политичката активност, со ултранационалистичка заднина, а кои предизвикуваат големи нарушувања
Следниот формат на ваков состанок да се направи со присуство и учество и со другите земји од регионот, кои не се членки на НАТО, но имаат договори за партнерство со НАТО, предложи премиерот на Албанија, Еди Рама, на заедничката прес-конференција по денешниот неформален состанок на лидерите на земјите членки на НАТО одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали безбедноста на северот на Косово го вратила безбедносното прашање како главна тема на земјите од Западен Балкан.

Според него, генералниот секретар Јенс Столтенберг со голем интерес го дочекал неговиот предлог да се создаде формат на НАТО – Западен Балкан на кој ќе учествуваат не само земјите членки на Алијансата од регионот, туку и Белград, Приштина и Сараево.
„Всушност, и другите земји од Западен Балкан кои денес не се присутни, како и другиот дел од земјите членки кои се во границите на нашиот регион, а кои имаат непосреден интерес за стабилноста и демократскиот напредок на регионот“,
рече Рама.
Рама вели дека мирот во регионот е многу ценет, иако е кревок.
„Зајакнувањето на мирот претставува стратегиска цел за сите. Имајќи предвид дека живееме во свет каде што имаме држава која е опфатена во војна и тоа не е само Украина, туку веќе се одвива и друга војна, како конфликтот меѓу Израел и Хамас“,
посочи Рама.
Според него, не треба да се заборави дека сме регион, не само мултиетнички по состав, туку и мултирелигиозен, па негативните влијанија од таквите конфликти не можат да се исклучат од овој регион.
„Затоа треба да направиме се што е можно да не се случи чекор назад, зашто потекнуваме од минато со крвопролевање и болка и никогаш не сме биле подобри од што сме денес. Но, утре треба да бидеме подобри и од сега. Не е добро иднината да стане минато“,
рече Рама.
Според него, Косово треба да ги забрза и треба да се помогне да ги забрза процесите на интеграција во НАТО.
„Апсурдно е Косово да биде спречено во овој процес. Сите во НАТО сме ангажирани и присутни во Косово, а евроатлантскиот правец и тренд на Косово е несомнен. Треба да се признае Косово од страна на земјите на НАТО и Европската Унија“,
заклучи премиерот на Албанија.
Според албанскиот премиер, неопходно е да се зголеми бројот на силите на НАТО во Косово и да се гарантира границата помеѓу Косово и Србија, граница која, како што рече, е надвор од контрола и е во служба на илегални активности, шверцување оружје, наркотични средства и активности кои во понатамошниот тек се вмешуваат во политичката активност, со ултранационалистичка заднина, а кои предизвикуваат големи нарушувања.
Рама му се заблагодари на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој даде поддршка на неговите предлози.