Од Клиниката за детски болести велат дека со 102 тераписки режими ќе бидат покриени, за уште два месеци, досегашните 12 пациенти кои веќе го примаат лекот, но лек ќе има и за дополнителни пациенти што ги исполнуваат критериумите за примање на „кафтрио“ во комбинација со „калидеко“

Со дополнителни 100 милиони денари ќе се набавува лекот „кафтрио“ во комбинација со „калидеко“, а кои се наменети за пациентите со цистична фиброза, информираат од Министерството за здравство.
Од Универзитетската клиника за детски болести, која треба да го набави лекот, велат дека во текот на вчерашниот ден бил потпишан договорот меѓу директорите на Клиниката и „Алкалоид конс“.
Целата количина на лекот се очекува да биде испорачана во првата половина на декември годинава.
Оттаму додаваат дека со 102 тераписки режими ќе бидат покриени, за уште два месеци (до април 2024), досегашните 12 пациенти кои веќе го примаат лекот, но лек ќе има и за дополнителни пациенти што ги исполнуваат критериумите за примање на „кафтрио“ во комбинација со „калидеко“.
Универзитетската клиника за детски болести, како што се наведува, добила согласност од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Бирото за јавни набавки да спроведе итна постапка со директни преговори со овластениот дистрибутер на компанијата „Вертекс“.
Оваа година, велат од Министерството за здравство, со условен буџет на Клиниката за детски болести се обезбеди и се почна терапија кај 12 пациенти со цистична фиброза. Осум од овие пациенти кои ја почнаа терапијата се следат во оваа јавно-здравствена установа, а останатите четири што ја почнаа терапијата се следат на Клиниката за пулмо-алергологија.