Екипа на „360 Степени“ беше на местото каде што се случи сообраќајната несреќа, но увидот на полицијата беше завршен, а возилата беа дислоцирани. На раскрсницата само неколку часа по сообраќајката на еден од пешачките премини остана да лежи оштетен сообраќаен знак
На социјалните мрежи голем број граѓани предупредуваат дека улицата е непрегледна и дека фали соодветна сообраќајна сигнализација која ќе ја направи оваа улица да биде безбедна, пред сè, за учениците кои го посетуваат училиштето во близина
Едно лице е повредено во сообраќајката што утрово се случи на улицата „Васко Карангелевски“, во близина на основното училиште „Љубен Лапе“ во скопски Аеродром.
Од СВР Скопје соопштија дека денеска била пријавена сообраќајна незгода на ул. „Васко Карангелевски“ помеѓу „рено меган”, со скопски таблички, управувано од Л.Д. (60) и „тојота” со скопски таблички, управувана од Е.Д.Б. (45).
„Според првичните информации, со телесни повреди се здобила Е.Д.Б. и укажана ѝ е помош во Клиничкиот центар“,
велат од СВР Скопје.

Од фотографиите што се ширеа на социјалните мрежи може да се види дека се судриле два автомобила, од кои едниот е превртен на покрив, а другиот е со оштетен преден дел од автомобилот.
Екипа на „360 Степени“ беше на местото каде што се случи сообраќајната несреќа, но увидот на полицијата беше завршен, а возилата беа дислоцирани.

На раскрсницата, само неколку часа по сообраќајката, на еден од пешачките премини остана да лежи оштетен сообраќаен знак.

На социјалните мрежи голем број граѓани предупредуваат дека улицата е непрегледна и дека недостига соодветна сообраќајна сигнализација која ќе ја направи оваа улица да биде безбедна, пред сè, за учениците кои го посетуваат училиштето во близина.

Градоначалникот на Општина Аеродром на својот фејсбук-профил го сподели општинското соопштение и потсети дека безбедноста на граѓаните е најважна и во таа насока, во текот на денешниот ден, уште еднаш со писмено барање ќе побара надлежните институции да ги преземат потребните активности за решавање на овој проблем.
Од Општината Аеродром апелираат и бараат Министерството за внатрешни работи, Градот Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата „Васко Карангелевски“, во насока на поставување соодветна сигнализација со која се гарантира безбедноста на пешаците и другите учесници во сообраќајот.
„По реакциите од страна на граѓаните на Аеродром, пензионерските здруженија, вработените и родителите на децата кои учат во ООУ ‘Љубен Лапе’, Општина Аеродром во изминатиот период во неколку наврати оствари комуникација со градската администрација во насока на решавање на проблемот со безбедноста на конкретната улица“,
соопштија од Општина Аеродром.
Оттаму ја информираат јавноста и дека реализацијата на проектот за улицата „Васко Карангелевски“ е целосна надлежност на градот Скопје и Општина Аеродром нема никаква надлежност во однос на сообраќајниот проект и сообраќајната сигнализација.