„Не можам да кажам од сега дека тој процес нема да успее, еден и пол месец во политиката е долг период во којшто можат да се направат и големи работи“, изјави денеска Османи лоцирајќи ја вината за пропуштање на историската шанса кај опозицијата
Шефот на државата Пендаровски денеска изјави оти смета дека исходот од декемврискиот Самит на ЕУ е јасен каков ќе биде, со оглед дека предусловот што Северна Македонија го има во европската преговарачка рамка не можеме да го исполниме
Додека претседателот на државата Стево Пендаровски е со ниски очекувања околу декемврискиот Самит на Европската Унија бидејќи земјава досега не го исполни условот од преговарачката рамка за уставни измени, шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека сè уште има некакви шанси за да се направи исчекор во овој процес.

„Јас нема да престанам да работам до последниот момент бидејќи немаме алтернатива. Почетокот на преговорите е најтешкиот процес во кој политичар може да влезе… Ние ќе се бориме до крај за да успееме да направиме исчекор. Не можам да кажам од сега дека тој процес нема да успее, месец и пол во политиката е долг период во којшто можат да се направат и големи работи“,
изјави денеска Османи одговарајќи на новинарски прашања по настанот на кој беше промовирана пригодна поштенска марка по повод претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје.
Според министерот за надворешни работи, станува збор за историска шанса, а вината за нејзиното пропуштање ја лоцираше кај опозицијата.
„Историјата ќе ги казни тие луѓе што ни ја пропуштаат и ни ја прокоцкуваат оваа историска шанса пред која се наоѓаме… На крај со име и презиме ќе ги посочиме тие што ја прокоцкаа оваа историска шанса и ќе бидат причина за сите последици кон државата“,
порача тој.
Сепак, на делумниот оптимизам на Османи во прилог не му оди календарот за уставни измени според кој доколку денеска Собранието го отвори Уставот треба да помине еден месец пред текстот на предложените амандмани да се најде пред пратениците и да продолжи собраниската процедура. По ова би требало да поминат уште два до три месеци до евентуално конечно усвојување на измените на највисокиот правен акт на државата, потсетува ТВ Телма во прилогот на оваа тема.
Шефот на државата Пендаровски денеска изјави оти смета дека исходот од декемврискиот Самит на ЕУ е јасен каков ќе биде, со оглед дека предусловот што Северна Македонија го има во европската преговарачка рамка не можеме да го исполниме.
И тој причините за исходот што го очекува ги наоѓа во тврдиот став на опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека нема да поддржат измени на Уставот под бугарски диктат.
„Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата, ништо не се промени во таа насока. И јасно e дека на декемврискиот Самит не може да има позитивна одлука за нас“,
изјави Пендаровски.
За потсетување, Собранието на 18 август со 70 гласа „за“ го усвои дневниот ред на седницата за уставните измени, но по два и полчасовна дебата претседателот на законодавниот дом Талат Џафери ја прекина седницата соопштувајќи дека за нејзиното продолжение, на кое треба да се гласа за пристапување кон измена на Уставот и за што е потребно двотретинско мнозинство, ќе извести дополнително. Оттогаш процесот не е поместен ниту чекор.
Инаку, Самитот на земјите членки на ЕУ на кој треба да се донесе одлука дали С Македонија и Албанија ги исполниле условите за да продолжат понатаму со евроинтегративниот процес, односно да преминат во втора фаза на отворање на кластери и поглавја, е закажан за 14 и 15 декември.