Според ИДФ, домот на Исмаил Ханије се користел како место за состаноци на високите лидери на Хамас за насочување на терористичките напади против Израел
Израелските одбранбени сили (ИДФ) утрово соопштија дека нивни борбени авиони го нападнале и бомбардирале домот на шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, во Газа.
Инаку, Ханије, кој се смета за главен водач на милитантната група, веќе неколку години живее во Катар.
„Во текот на ноќта, борбени авиони на ИДФ ја нападнаа резиденцијата на Исмаил Ханије, шефот на политичкото биро на Хамас. Резиденцијата се користела како терористичка инфраструктура и место за состаноци на високите лидери на Хамас за насочување на терористичките напади против Израел“,
се наведува во објавата на израелската војска на социјалната мрежа Икс (претходно Твитер) на која е објавено и видео од нападот.
Overnight, IDF fighter jets struck the residence of Ismail Haniyeh, the Head of Hamas’ Political Bureau.
— Israel Defense Forces (@IDF) November 16, 2023
The residence was used as terrorist infrastructure and a meeting point for Hamas’ senior leaders to direct terrorist attacks against Israel. pic.twitter.com/kljYYN6O0U
Израелската војска, исто така, соопшти дека лоцирала и уништила складиште за оружје на поморските сили на Хамас кое содржело опрема за нуркање, експлозивни направи и оружје.
Цел на силите на Израел, се наведува, биле и терористи, односно припадници на Хамас, а лоцирале и оружје меѓу кое имало „појаси и буриња со експлозив, рачни минофрлачи, противтенковски проектили, комуникациска опрема и разузнавачки документи“.
Светските медиуми ги пренесоа тврдењата на ИДФ, објавени на социјалните мрежи, но како што наведуваат „Гардијан“ и Би-би-си засега не можат да ги потврдат информациите од независни извори.
Кој е Исмаил Ханије
Инаку, Исмаил Ханије беше избран за шеф на политичкото биро на Хамас во 2017 година, но веќе неколку години живее во Катар, пишува Би-би-си.
Во кратката биографија, британскиот национален сервис наведува дека тој бил истакнат член на милитантната група во доцните 1980-ти години, кој беше затворен од Израел на три години.
По излегувањето од затвор, Ханије поминал една година во егзил пред да се врати во Газа. Во 1997 година бил назначен за шеф на канцеларијата на духовниот лидер на Хамас зајакнувајќи ја својата позиција во Движењето.
Ханије беше назначен за палестински премиер во 2006 година од страна на претседателот Махмуд Абас, но беше разрешен една година подоцна откако групата ја собори партијата на Абас, Фатах, од Појасот Газа по еднонедлно смртносно насилство.
Ханије го отфрли неговото разрешување како „неуставно“ нагласувајќи дека неговата влада нема да се откаже од своите национални одговорности кон палестинскиот народ и продолжи да владее со Газа.