Додека се чека набавка на механизација, од јуни 2017 година до крајот на мај 2019 година, ЕСМ склучила четириесет договори за ископ на јаглен и јаловина, како и за изнајмување механизација. Вкупниот договорен износ на работите е 44,5 милиони евра.
Во понеделникот, на 27 мај, страницата на Бирото за јавни набавки го исфрли најскапиот договор годинава. Електрани на Северна Македонија или по старо ЕЛЕМ ќе потрошат 12,7 милиони евра со ДДВ кај компанијата Пелистер од Битола, за ископ на јаглен и јаловина за РЕК Битола. Времетраењето на договорот е дванаесет месеци.
Ветувањето за сопствена механизација за РЕК Битола влегува во третата година.
Приказната за последната набавка на работи за ископ на јаглен и јаловина веројатно би завршила тука, доколку не беше познато дека актуелното раководство на ЕСМ и на РЕК Битола веќе втора година ветува набавка на сопствени машини, за да се заштедат пари. Таквите најави се логично продолжение на политиките на СДСМ, бидејќи кога партијата беше во опозиција ја критикуваше и обвинуваше власта дека тендерите за ископ на јаглен и за помошна механизација се извор на корупција.
Историски, првиот тендер за набавка на механизација се обиде да го спроведе сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, како директор на ЕЛЕМ. Но, тоа го стори во јуни 2017 година, две недели откако на власт дојде СДСМ. Само неколку дена подоцна, Владата побара тендерот да биде поништен. Тоа и се случи, откако темата беше политички употребена – од власта за сомнежи за „матен“ тендер, од директорот – дека се е чисто. Наследникот на Мицкоски во директорката фотелја на тогашната ЕЛЕМ сега ЕСМ, Драган Миновски, најави и истрага за тоа како и колку во изминатата деценија се трошело за ископ на јаглен и за надворешна механизација во РЕК Битола. Епилог од истрагата јавно не е познат, но на 26 март 2018 година Електрани објавија дека е распишан тендер за набавка на механизација што опфаќа 44 возила:
- 8 хидраулични багери-ровокопачи;
- 9 булдожери;
- 2 грејдери;
- 3 автодигалки;
- 3 утоварувачи;
- 2 комбинирани градежни машини-скипови;
- 4 телескопски чистачи на транспортни ленти;
- 2 цистерни за вода;
- 3 товарни возила со хидраулична рака за кревање и
- 8 камиони-дампери со носивост до 30 тона.
Директорот на ЕСМ Драган Миновски на 26.03.2019 изјави:

„За 10 години за изнајмување на циклична и помошна механизација се трошеле 212 милиони евра, вредноста за набавка на нова механизација нема да надминеме 40 милиони, заштедите се видливи.“
Ништо од ова, на крај, не се купи, бидејќи тендерот беше поништен. Тоа го стори самата ЕСМ, под образложение дека законот за јавни набавки фаворизира најниска цена, па поради тоа не можат да купат високо квалитетни машини. Нов тендер беше најавен по стапувањето на сила на измените на Законот за јавните набавки.
На 1 април 2019 година се случи и тоа. Измените на Законот за јавни набавки стапија на сила. Нов тендер не е распишан. Повторно е во најава, сега за во јуни.

„Очекувам на тендерот да конкурираат гиганти како Катерпилар, Либхер и Коматсу. Овие компании може да понудат машини што не се расипуваат 15 години и на кои единствено што треба е да им се стави масло. Досега тоа не беше возможно бидејќи со претходниот закон за јавни набавки можеа да се јават компании чии производи имаат сомнителен квалитет и можевме само да си направиме дополнителни проблеми.“-изјави директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, за „Фактор“, на 16.05.2019 г.
Дојде и јуни, но тендер се уште нема. Зошто, 360 Степени праша кај директорот на ЕСМ. Од таму велат, се чека на подзаконските акти на новиот закон за јавни набавки.
„АД ЕСМ очекува во најкраток рок да бидат донесени подзаконските акти на Законот за јавни набавки за да биде распишан тендерот за набавка на механизација за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола. Тендерот од наша страна е веќе подготвен.“
Уште еден фактор поради кој тендерот не е распишан е судската постапка против „Трансмет“ за неисполнување на обврски кон РЕК Битола, поради што е конфискувана дел од механизацијата на фирмата.
„Доколку добиеме дел од таа механизација, тогаш ќе нема потреба да купуваме одредени машини, така што и самиот тендер ќе биде коригиран во тој дел односно набавката ќе биде намалена во делот на машините кои би ги добиле на тој начин.“
Додека се чека тендерот, потрошени 44,5 милиони евра.
Сето ова не го менува фактот дека од промената на власта во јуни 2017 година до крајот на мај 2019 година, ЕСМ склучила четириесет договори за ископ на јаглен и јаловина, како и за изнајмување механизација. Вкупниот договорен износ на работите е 44,5 милиони евра, ако се одземе тендерот со „Трансмет“. Тендерите ги добиле 13 различни компании, но не сите добиле еднакво парче од колачот.
„Пелистер ДОО Битола“ е фирмата која најмногу се „офајдила“ од услугите за ЕСМ во последниве две години. Четирите ангажмани на оваа фирма за ископ на јаглен во РЕК Битола, ЕСМ ја чинеле 21 807 537 евра. „Пелистер ДОО Битола“ ја води Силјан Мицевски, поранешен градоначалник од редовите на СДСМ но и бизнисмен кој успеваше да добие уште поголеми тендери во РЕК Битола кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.
Ископот на јаглен им донесе 12 104 555 евра и на фирмата „Марковски компани“. Сопственик е Борче Марковски. Актуелниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, на 7.4.2017 го опиша Марковски како близок пријател на Сашо Мијалков.
„Фирмата Марковски од 2008 година до денес има добиено тендери во РЕК Битола во износ над 60 милиони евра. Оваа фирма е тесно поврзана со највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.“
изјави тогаш Васко Ковачевски како пратеник од СДСМ.
Во топ три влегува и фирмата „МИС-КОМЕРЦ Митко ДООЕЛ Скопје“ со 4 537 729 евра. И повторно, станува збор за компанија која добивала тендери и од претходната власт.
Дури четвртата фирма на ранг листата – СВ-ИНВЕСТ е нов играч. Досега добиле тендери во висина од околу 2 милиона евра, за ископ на јаловина и за помошна механизација. Од централниот регистар може да се види дека сопственик е Стојан Чифлигароски од Битола. Карактеристично за фирмата е што од основањето во 2011 година бележи брз и постојан раст низ годините. Но, дури минатата 2018 година првпат има повеќе од двајца вработени и покрај приходите од милиони евра во претходните години.

Опозицијата ја поврзува СВ-Инвест со семејството на премиерот Зоран Заев. СВ-Инвест демантираше такви релации.
Најголемите битолски „копачи на јаглен“ – конзули
Истражувајќи ги набавките на РЕК Битола во изминативе години за ископ на јаглен и за помошна механизација, дојдовме во допир со подзаборавени факти. Газдите на најголемите добитници на тендери во РЕК Битола се во исто време и почесни конзули на странски земји. Силјан Мицевски од „Пелистер“ е почесен конзул на Србија. Борче Марковски од „Марковски компани“ е почесен конзул на Белорусија.
Ако подлабоко се погледне листата на сите почесни конзули во земјава, заклучокот е дека таа функција е како предодредена за бизнис секторот.

Функцијата почесен конзул нуди неколку привилегии- како на пример поврат на данок за предметите кои ги купува почесниот конзулат, дипломатски таблички на автомобилот, учество во дипломатскиот живот во земјата. Иако не штити од кривичен прогон, функцијата сепак обезбедува повнимателен пристап од истражните органи, бидејќи меѓународните конвенции бараат земјата домаќин да му обезбеди услови на почесниот конзул со што помалку пречки да ја врши својата конзулска работа.