Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи, стои во соопштението на претседателот Пендаровски наменето за објавеното писмено образложение на пресудата на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“
Од кабинетот на претседателот Пендаровски велат дека слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес, а новинарството е слободна и независна професија и како таква е потребно да подлежи на саморегулација од страна на медиумските тела и организации, додека, пак, јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања кои го опфаќаат јавниот интерес.
„Граѓаните, исто така, имаат право да очекуваат судиите кога пресудуваат да ја почитуваат слободата на изразување, правото на граѓаните да бидат информирани за теми од јавен интерес и да му дадат приоритет на јавниот интерес наспроти поединечниот интерес, особено кога се работи за прашања кои го засегаат големото мнозинство од општеството. Во таков случај, во јавен интерес е јавноста да биде запознаена со релевантни факти од значење за тие прашања. Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој“,
се вели во соопштението.
Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, вели Пендаровски, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи.
Инаку, вчера остра реакција на објавеното писмено образложение на пресудата на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ имаше Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), од каде што кажаа дека за оваа судска постапка ќе иницираат пријава до Платформата на Советот на Европа за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите. Платформата известува за сериозни закани за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Европа, а со цел да се зајакне одговорот на Советот на Европа на заканите и одговорноста на земјите членки.
Според ЗНМ, пресудата за сторијата „Заговор против воздухот“ беше објавена на 24 октомври, а вчера стасало писменото образложение во кое се користат низа проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.
„Имено, Судијата Панева во образложението од пресудата 8П5-33/23, го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум, односно ИРЛ не е здружение за ’новинарски известувања’. ИРЛ нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a членовите на истото немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање“,
се вели во соопштението од ЗНМ.
Од ЗНМ велат дека за сторијата „Заговор против воздухот“, која исто така беше емитувана и на МРТВ, ИРЛ доби две новинарски награди, а Советот на честа и Советот за етика, по претходни претставки, донесе одлуки дека овој медиумски производ е во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите.
Потсетуваат дека на 19. октомври поднеле претставка до Судскиот совет за судијката Спировска Панева за неправедно исклучување на јавност од рочиште за оваа судска постапка. Во претставката се бара одговорност од судијката за постапката, а од Судскиот совет на РСМ да поведе постапка за утврдување дисциплинска одговорност согласно доставените докази и посочените законски одредби против судијката Јованка Спировска Панева.