Во интервјуто за Би-би-си, претседателот на Франција рече дека не се согласува оти најдобриот начин за Израел да се заштити себеси е да врши големи бомбардирања врз Газа, велејќи дека тоа создава огорченост во регионот што само ќе го продолжи конфликтот
Израел мора да престане да убива бебиња и жени во Газа, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за Би-би-си, додавајќи дека „нема оправдување“ за бомбардирањето и дека прекинот на огнот ќе биде од корист за Израел.
„Иако го признаваме правото на Израел да се заштити, ги повикуваме да го запрат ова бомбардирање во Газа“,
рече Макрон во интервјуто за Би-би-си, нагласувајќи дека Франција јасно ги осудува терористичките акции на Хамас.

Прашан дали очекува другите лидери, вклучително на САД и на Велика Британија, да се приклучат кон неговите повици за прекин на огнот, тој рече дека се надева оти ќе се придружат.
Говорејќи еден ден по конференцијата за хуманитарна помош во Париз за војната во Газа, Макрон рече дека јасен заклучок на сите влади и агенции кои присуствуваа на самитот е дека нема друго решение освен хуманитарна пауза и прекин на огнот што ќе овозможи „заштита на сите цивили кои немаат никаква врска со терористите“.
„Денес, де факто цивилите се бомбардирани. Овие бебиња, овие жени, овие стари луѓе се бомбардирани и убиени. За тоа нема легитимитет. Затоа, ние го повикуваме Израел да престане“.
додаде францускиот претседател.
Во интервјуто за Би-би-си, претседателот на Франција рече дека не се согласува оти најдобриот начин за Израел да се заштити себеси е да врши големи бомбардирања врз Газа, велејќи дека тоа создава огорченост и лоши чувства во регионот што само ќе го продолжи конфликтот.
На прашањето дали Израел го прекршил меѓународното право со нападите во Газа, Макрон одби да одговори, велејќи дека не е судија и дека не е негова улога да суди за евентуалното прекршување.