Забраната за работа на училишните кујни во основните училишта „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“, „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи Димов“, „Братство“ и „Христијан Тодоровски Карпош“, како и магацинот од каде што се врши дистрибуција на храна, ќе важи до отстранување на наложените санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, што опфаќаат генерално механичко чистење на просторот и опремата, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена установа, како и до добивање негативни резултати од земените брисеви од работните површини и опремата
По вонреден инспекциски надзор поради појава на салмонела, времено се затворени кујните во шест основни училишта во општина Карпош, како централниот магацин од каде што се дистрибуираат прехранбените продукти, соопшти денеска Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Забраната за работа на училишните кујни во основните училишта „Владо Тасевски“, „Војдан Чернодрински“, „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи Димов“, „Братство“ и „Христијан Тодоровски Карпош“, како и магацинот, од каде што се врши дистрибуција на храна, ќе важи до отстранување на наложените санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, што опфаќаат генерално механичко чистење на просторот и опремата, вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена установа, како и до добивање негативни резултати од земените брисеви од работните површини и опремата.
„Заклучно со вчера, според добиениот податок од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје пријавени се вкупно 12 ученици со симптоми–- стомачни тегоби и покачена телесна температура со докажан причинител – бактерија салмонела. Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение, времено се затворени кујните во сите шест посетени основни училишта, како централниот магацин од каде се дистрибуираат прехранбените продукти“,
се наведува во соопштението.
Претходниот ден, од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е спроведен вонреден инспекциски надзор во објект – централен магацин со кој стопанисува ДПТУ „Ванила фуд“ – ДООЕЛ Скопје, од каде што се снабдуваат со прехранбени продукти, кујните во училиштата на територија на општина Карпош, како и во кујните на училиштата „Димо Хаџи Димов“ и „Владо Тасевски“. Тоа, по добиена дојава од ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје – одделение за епидемиологија, за појава на заболување кај седум деца од различни училишта во општина Карпош со дијагноза salmonellosis.
„Вонредниот инспекциски надзор е извршен во соработка со Агенција за храна и ветеринарство, ЈЗУ Центар за јавно здравје Скопје и ЈЗУ Институт за јавно здравје. Согласно надлежностите на ДСЗИ, земени се брисеви од работни површини и опрема, како и брисеви од жива средина – брис од грло и нос и копрокултура на вработени лица во посетените објекти, а од страна на АХВ примероци од храна од централниот магацин и кујните“,
се истакнува во соопштението на ДСЗИ.