Претходно, Државниот здравствен и санитарен инспекторат соопшти дека во соработка со АХВ и Центарот за јавно здравје вчера спровеле вонреден инспекциски надзор во кујните во основните училишта „Владо Тасевски“ и „Димо Хаџи Димов“ и во магацинскиот простор на „Ванила фуд“, а во текот на денов со инспекцијата ќе бидат опфатени и училиштата „Јан Амос Коменски” и „Војдан Чернодрински”
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе спроведе инспекциски надзори во сите училишта на територија на општина Карпош, каде што фирмата „Ванила фуд“ доставува храна, откако во дел од нив се појавија случаи на ученици заболени од салмонела. Како што информираа вчера од Општина Карпош, учениците во петокот за појадок имале мекици без јајца, а за ручек спанаќ без месо со кисело млеко.
„Превентивно, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведат вонредни инспекциски надзори во кујните на сите училишта во оваа општина, кои со храна ги снабдува овој оператор, поточно и оние училишта каде нема потврдено случаи на заразени ученици со салмонела. По завршување на вонредниот надзор и по добивање на резултатите од лабораториските тестирања, јавноста ќе биде известена за резултатите и причинителот“,
информира директорот на АХВ, Николче Бабовски.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат соопшти дека во соработка со АХВ и Центарот за јавно здравје вчера спровеле вонреден инспекциски надзор во кујните во основните училишта „Владо Тасевски“ и „Димо Хаџи Димов“ и во магацинскиот простор на „Ванила фуд“, а во текот на денов со инспекцијата ќе бидат опфатени и училиштата „Јан Амос Коменски” и „Војдан Чернодрински”.
Како што претходно објавивме, девет деца од три основни училишта во Општина Карпош се заразени со салмонела.
Според информациите до кои дојде „360 степени“, пет од заразените деца се од училиштето „Владо Тасевски“, три од „Војдан Чернодрински“ и едно од „Јан Амос Коменски“. Децата се од прво до четврто одделение, кои за појадок и ручек се хранеле во училиштето.
Како што изјавија од Општина Карпош, фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во општината, сама побарала вонреден преглед.
„До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ ’Димо Хаџи Димов’, каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта. Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота“,
ни изјавија вчера од Општина Карпош.
Пријавите за деца заразени со салмонела, во Центарот за јавно здравје стигнале од матичните лекари.