Според ДСЗИ, вонредниот надзор се врши над санитарно хиегиенската и епидемиолошката состојба во објектите со цел откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување
По информацијата дека девет деца од три основни училишта во скопската Општина Карпош се заразени со салмонела, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска врши вонреден инспекциски надзор во училиштата.

Инспекцискиот надзор, како што соопштија оттаму, се врши во соработка со претставници од Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според ДСЗИ, вонредниот надзор се врши над санитарно хиегиенската и епидемиолошката состојба во објектите со цел откривање на изворот на зараза и прекинување на синџирот на пренос на заразното заболување.
Инспекторатот вчера бил информиран од Центарот за јавно здравје – Скопје дека во одделението за епидемиологија се пристигнати седум пријави за заболување од заразна болест со Dg. Salmonellozis кај ученици кои посетуваат настава во три основни училишта на територија на Општина Карпош – ООУ „Владо Тасевски“, ООУ „Војдан Чернодрински“ и ООУ „Јан Амос Коменски“.
Според информациите до кои денеска дојде „360 степени“, пет од заразените деца се од училиштето „Владо Тасевски“, три од „Војдан Чернодрински“ и едно од „Јан Амос Коменски“. Децата се од прво до четврто одделение, кои за појадок и ручек се хранеле во училиштето.
Општинските служби од Карпош велат дека во ООУ „Војдан Чернодрински“, од 180 ученици кои во училишната кујна се хранат за појадок и ручек, само кај три ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела.
„Во училиштето ’Јан Амос Коменски’ од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај еден ученик е потврдено дека има салмонела“,
се наведува во информацијата од Општина Карпош.
Во овие две училишта, општинските служби велат дека станува збор за ученици од прво одделение.
Најмногу потврдени случаи има во училиштето „Владо Тасевски“, и тоа кај пет ученици од прво до четврто одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиштето.
„Во петокот, во дневното мени децата за појадок имале мекици без јајца, за ручек јаделе спанаќ без месо, со кисело млеко. Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите училишта и сите вработени“,
додаваат од Општина Карпош.
Оттаму велат дека фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош сама побарала вонреден преглед.
Пријавите за деца заразени со салмонела, во Центарот за јавно здравје стигнале од матичните лекари.