Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација, која дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони. Преговорите за пристапување во ЕУ-процесот бара широк консензус на големите политички партии. Сите партии треба да почнат да се вклучуваат во конструктивна и инклузивна политичка дебата, за да се зајакне улогата на Собранието, забележува ЕК
Во извештајот, Комисијата го оценува како контроверзно разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, посочувајќи дека ова тело треба да се спротивстави на секое надворешно влијание и да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите. Во оваа насока, останува препораката за ревидирање на законодавната рамка и целокупното функционирање на Судскиот совет со цел јакнење на неговата транспарентност и независност
Нарушена работа на Собранието поради политичка поларизација, злоупотреба на „европското знаменце“ во носењето закони, неусвојување на уставните измени, отсуство на реформа во јавната администрација, страшна состојба во затворите, голем број напади, закани и застрашувачко однесување кон новинарите, никаков напредок во областа на судството и во областа на превенција и борба против корупцијата нотира Европската комисија во Извештајот за Северна Македонија за 2023 година.
Европската комисија забележува дека властите продолжиле да демонстрираат и јавно да ја објавуваат својата посветеност да напредуваат на нивниот пат кон ЕУ, но, нагласува, „сега кога започна процесот на пристапни преговори, треба да се забрза темпото на реформите поврзани со ЕУ“.
„Северна Македонија, исто така, целосно се усогласи со позициите на ЕУ за руската агресивна војна против Украина, испраќајќи силен сигнал за нејзиниот стратешки избор за пристапување во ЕУ и покажувајќи уште еднаш дека може да биде сигурен партнер. Во 2023 година, Северна Македонија одигра активна улога во сложен геополитички контекст за време на нејзиниот мандат како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Влијанието на руската агресивна војна против Украина, вклучително и високите цени на енергијата, стоките и храната и прекините во синџирите на снабдување, силно влијаеше на економијата и сериозно ги погоди ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија“,
стои во воведниот дел од Извештајот на ЕК.
Нарушена работа на Собранието поради политичка поларизација
Во однос на политичките критериуми, ЕК нотира дека земјава продолжила со напорите за зајакнување на демократијата, „додека во исто време се соочуваше со значителни предизвици во областа на владеењето на правото“. Според ЕК, правната рамка останува погодна за одржување демократски избори во Северна Македонија, но сепак се забележува дека не е постигнат напредок за решавање и имплементација на укажаните препораки од страна на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ и Венецијанската комисија.
ЕК забележува дека политичката поларизација во земјава дополнително се продлабочила, и укажува на неусвојувањето на уставните преговори.
„Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација, која дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони. Преговорите за пристапување во ЕУ-процесот бара широк консензус на големите политички партии. Сите партии треба да почнат да се вклучуваат во конструктивна и инклузивна политичка дебата, за да се зајакне улогата на Собранието. Парламентот и Владата се обврзаа да започнат и да ги постигнат како приоритетно релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат надвор од границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите“,
стои во Извештајот.
Комисијата ја критикува несоодветната употреба на „европското знаменце“.
„Се забележува прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на брзите процедури во носењето закони и на процедурата за ‘европското знаменце’, во некои случаи поради недостиг на консултации и лошо планирање на законодавниот календар. ‘Знамето на ЕУ’ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојувањето закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не да се скрати јавната дебата за важни прашања“,
посочува Европската комисија.
Таа препорачува да се зголеми транспарентноста на финансирањето на политичките партии, а парламентот да обезбеди навремено разгледување на законските извештаи што му ги испраќаат државните агенции и органи.
Владата да ги вклучи граѓанските организации во одлучувањето
Генерално, граѓанските организации (ГО) во Северна Македонија продолжуваат да работат во поволна средина. Сепак, владата треба да ги зголеми своите напори за вклучување на граѓанското општество во приоритетните области и консултативни активности. Граѓанските организации треба да играат важна улога во реформскиот процес и да бидат вклучени во процесите на донесување одлуки, се наведува во Извештајот.
„Постојните законски и финансиски рамки сè уште треба да бидат изменети и имплементирани во пракса, особено за да се обезбедат конзистентни механизми за доделување јавно финансирање на ГО. Потребно е Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество да ги продолжи своите активности“,
се додава во него.
Земјата е умерено подготвена за реформи во јавната администрација
Северна Македонија останува умерено подготвена во однос на реформите во јавната администрација. Ограничен напредок беше постигнат во периодот на известување со усвојувањето на новата стратегија за реформа на јавната администрација и придружниот акциски план во јули 2023 година, забележува ЕК.
„Откако го започна процесот пред пет години, земјата сè уште не ја усвои ревидираната законска рамка за управување со човечки ресурси, која ги вклучува ревидираниот Закон за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и новите законски одредби за управување на највисоко ниво. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси низ администрацијата и да помогне да се обезбедат вработувања, унапредувања и отпуштања врз основа на заслуги на сите нивоа, вклучително и високото раководство“,
стои во Извештајот за напредокот на земјава.
Комисијата нагласува дека законодавството сè уште не ги прифатило препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата за непотизам, кронизам и политичко влијание при регрутирањето на вработените во јавниот сектор и при назначувањето членови на надзорни и управни одбори.
Нема напредок во судството и во борбата против корупцијата
С Македонија нема постигнато никаков напредок во областа на судството, се нотира во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава за 2023 година. Се посочува дека препораките на Комисијата од минатата година не се имплементирани и натаму остануваат да важат.
Во извештајот, Комисијата го оценува како контроверзно разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, посочувајќи дека ова тело треба да се спротивстави на секое надворешно влијание и да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите. Во оваа насока, останува препораката за ревидирање на законодавната рамка и целокупното функционирање на Судскиот совет со цел јакнење на неговата транспарентност и независност.
Во извештајот, Комисијата посочува дека доцни и усвојувањето на новата стратегија за реформи во судството која треба да има за цел да ги подобри перформансите на институциите.
Европската комисија нотира дека Северна Македонија не постигнала напредок ниту во областа на превенција и борба против корупцијата. Комисијата го оценува како загрижувачки прашањето што корупцијата и натаму останува распространета во многу области. И во овој дел, како и во областа судство, Комисијата посочува дека „земјата е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка во превенцијата и борбата против корупцијата“.
„Кривичниот законик беше изменет по забрзана собраниска процедура, а максималните казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше импликации за примената на застареноста и влијаење, запирање или дури прекинување, а голем број случаи на корупција на високо ниво, вклучително и од поранешната Специјално јавно обвинителство (СЈО). Измените, исто така, ја попречуваат способноста на властите да ги истражат и гонат таквите прекршоци. Ова е прашање на сериозна загриженост“,
се вели во извештајот.
Одредено ниво на подготовка и напредок, според Европската комисија, земјава постигнала во борбата против организираниот криминал, а оти земјата одржува добро ниво на соработка со земјите членки на ЕУ, земјите од регионот, Европол и Европравда.
Сепак, се посочува дека државата треба повеќе да направи за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против одредени форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал.
Дополнително се нотира дека е потребно подобрување на Националниот координативен центар за борба против организираниот криминал, а оти координацијата останува клучна за сите засегнати страни вклучени во организираната борба против криминал, вклучително и меѓу обвинителите и полицијата.
Пофалби и критики во справувањето со мигрантската криза
Во однос на справувањето со мигрантската криза, ЕК забележува дека Северна Македонија е на една од главните транзитни рути за миграциско движење и дека земјата продолжува да игра активна улога во управувањето со мешаните миграциски текови.
„Продолжија напорите за обезбедување основни услови за живот и услуги за сите мигранти во земјата. Меѓутоа, постои потреба од зајакнување на институционалните и административните капацитети за сите аспекти на управувањето со миграцијата. Потребни се повеќе персонал и дополнителни материјално-технички ресурси за да се зголеми капацитетот на задоволително ниво. Систематска регистрација на мигрантите е потребно, а профилирањето чувствително на заштита треба да се подобри. Земјата треба да воспостави соодветен систем за управување со нередовното движење и да престане со практиката на враќање на мигрантите надвор од законската рамка. Треба да се финализира и усвои план за вонредни ситуации за управување со големи миграциски текови“,
стои во Извештајот.
Како позитивно се оценува стапувањето во сила на 1 април 2023 година, Договорот за статус за оперативна соработка во управувањето со граница 6 со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).
Состојбата во затворите сè уште е страшна
Земјата продолжува да ги исполнува своите општи обврски за основните права, но законодавството треба да се спроведува на посистематски начин, наведува ЕК во Извештајот.
„Некои значајни измени на Кривичниот законик беа усвоени во февруари 2023 година, со кои се регулираат кривичните дела на родово засновано насилство. Парламентот треба да врши именувања на независни и регулаторни тела врз основа на заслуги. Функционалната независност на телата за човекови права мора да се гарантира во секое време. Тоа, меѓу другото, значи и доделување доволно средства. На сервисите за жртви на родово базирано насилство сè уште им е потребно засилување и соодветно финансирање за да се исполнат стандардите утврдени со Истанбулската конвенција. Лицата со попреченост и понатаму се соочуваат со директна и индиректна дискриминација, социјална исклученост и бариери“,
забележува Комисијата.
Во Извештајот особено се нагласени страшната состојба во затворите и условите за притвор.
„Состојбата во затворите сè уште е страшна. Препораките дадени од Европскиот комитет за спречување тортура за третман на притворени и осудени лица не беа адресирани, што предизвикува сериозна загриженост. Условите за притвор треба да се подобрат со најголема итност. Посебно внимание треба да се посвети на промовирање недискриминација, зголемување на ефикасноста во справувањето со криминалот од омраза и говорот на омраза и зајакнување на капацитетот и независноста на институциите задолжени за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или заедниците“,
забележува меѓудругото ЕК.
Условите за работа на новинарите остануваат предизвикувачки
Северна Македонија е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во областа на слободата на изразување. Генерално, постигна ограничен напредок, оценува ЕК.
„Општиот контекст е поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко медиумско известување. Изменетиот Кривичен законик и Законот за граѓанска одговорност за клевета го подигнаа севкупното ниво на правна заштита на новинарите. Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашувачко однесување кон новинарите. Потребна е поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Потребна е реформа на јавниот радиодифузен сервис за да се зајакне неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост. Од декември 2018 година, парламентот го одложува назначувањето на програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и советот за регулација на медиумите. Условите за работа на новинарите остануваат предизвикувачки“,
се наведува во Извештајот.
Одреден напредок во економските критериуми
Во однос на економските критериуми, Северна Македонија постигна одреден напредок и е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, нотирано е во Извештајот. Во 2022 година, економијата беше тешко погодена од последиците од руската агресивна војна против Украина, што значително го забави нејзиното закрепнување по ковид-19. Владата ги поддржа домаќинствата и бизнисите преку големи енергетски субвенции, даночни намалувања и насочена директна поддршка на приходите.
Поради зголемувањето на даночните приходи поттикнати од инфлацијата и недоволното извршување на 7 категории расходи, дефицитот на општата влада остана под ревидираната цел. Капиталните расходи беа значително зголемени, но сепак не беа во однос на ревидираниот план. Соодносот на јавниот долг падна, но останува значително над нивото пред ковид-19, забележува ЕК.
„Пазарот на трудот покажа одредено подобрување, но структурно проблемите опстојуваат, вклучително и високата младинска и долгорочна невработеност и големиот родов јаз. Северна Македонија постигна одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентскиот притисок и пазарните сили во ЕУ. Постигнат е дополнителен напредок во подобрувањето на стручното образование, но големиот недостиг на вештини и понатаму е во однос на потребите на пазарот на труд, што повлекува долга транзиција од училиште до работа. Овие, заедно со големите празнини во транспортната и енергетската инфраструктура, ниските инвестиции и ниското финансирање за иновации, го ограничуваат потенцијалниот раст. Дигитализацијата на економијата напредува, но конкурентноста на домашните бизниси може да се подобри преку поширока понуда на јавноста на е-услуги“,
забележува ЕК.
Добри односи со другите земји
Во однос на регионалната соработка, ЕК забележува дека земјава одржува добри односи со другите земји вклучени во процесот на проширување и продолжи да се ангажира во регионалните иницијативи.
„Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, вклучувајќи ги и нејзините протоколи“,
е препораката на ЕК.