Дополнително, здруженијата изразуваат загриженост за употребата на европското знаменце во собраниската процедура и посочуваат оти предложените измени немаат поврзаност со реформите кои треба да водат кон усогласување на медиумските закони во земјава со регулативата на ЕУ. Оценуваат дека одлуката за носењето на измените по скратена постапка има за цел да ги задоволи барањата на тесна група од интерес
Воведувањето на државното рекламирање во приватните медиуми во Македонија значи враќање на клиентелистичките и коруптивни практики од минатото, со исклучително штетни последици за независноста на медиумите и пошироко за слободата на изразување.
Ова е дел од реакцијата на новинарските здруженија и граѓански организации од медиумскиот сектор во земјава откако пред два дена во парламентот беше усвоена потребата од носењето измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка.

Во заедничката реакција на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Центарот за развој на медиумите (ЦРМ) се додава дека повторното враќање на државното рекламирање во медиумите ќе биде штетно за медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и слободата на новинарите и медиумските работници во земјава.
Дополнително, здруженијата изразуваат загриженост за употребата на европското знаменце во собраниската процедура и посочуваат оти предложените измени немаат поврзаност со реформите кои треба да водат кон усогласување на медиумските закони во земјава со регулативата на Европската Унија. Оценуваат дека одлуката за носењето на измените по скратена постапка има за цел да ги задоволи барањата на тесна група од интерес.
„Ова не е пропис кој треба да се усвојува со европско знаменце и по скратена постапка, а одредбите што во него се предложени не се поврзани со документите што се наведени во образложението доставено до Собранието. Напротив, предложените измени се спротивни на многу препораки и документи на Советот на Европа, на предложената Регулатива на Европската комисија за слобода на медиумите, на правилата на ЕУ за државна помош и на низа други документи. Затоа, зачудува објаснувањето на министерот Азир Алиу кој тврди дека предложените измени се во согласност со правото и стандардите на ЕУ“,
се посочува во реакцијата на медиумските здруженија и организации.
Посочуваат дека ваквите политики претходно беа критикувани од сегашните владејачки партии, а оти за нив предупредуваа и групата меѓународни здруженија и медиумски организации во неодамна објавениот извештај од Мисијата за процена на состојбата со слободата на медиумите во земјава, во кој се нотира дека државните рекламни кампањи со себе носат големи ризици за нарушување на уредувачката независност.
„Во овој извештај, но и во препораките на ЕУ експертите, се нагласува и дека најсоодветна финансиска поддршка на медиумите во националниот медиумски контекст е формирањето Фонд за плурализам во медиумите, за што постојат повеќе успешни модели во Европа“,
се додава во реакцијата.
Новинарските здруженија нагласуваат дека е избран единствениот неефикасен и неприфатлив начин за подобрување на состојбата во медиумската сфера потенцирајќи дека за подобрување на состојбата во медиумите потребно е низ сеопфатна дебата да се изнајде начин за помош на медиумите насочен единствено преку поддршка на програмската продукција и на социоекономската положба на новинарите и медиумските работници.