Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во изјава за „Фокус“, тврди дека часовникот го добил на подарок од сопругата и дека чини многу помалку од сумата што се наведува. Тој смета дека со случајот се бара начин како да се фрли дамка врз него „за да се засени напредокот што се случува во Кисела Вода“
Во неколку станбени згради во Општина Кисела Вода се расфрелни летоци на кои има фотографија од градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орге Ѓорѓиевски, на која тој носи рачен часовник и уште една фотографија на која има речиси идентичен, чија вредност изнесува 7 600 швајцарски франци, пренесуваат повеќе медиуми. Станува збор за марката „Aquatimer Chronograph“.

На летоците пишува: „Од каде има Орце 7 600 швајцарски франци за луксузен саат? 8000 евра се тоа, Орце, 30 плати на еден работник! Лапај Орце, лапај, ама ќе дојдат избори“.
Дел од летоците, според медиумските објави, се ставени во поштенските сандачиња на зградите, а дел се оставени пред вратите на становите.


Во изјава за „Фокус“, Ѓорѓиевски вели дека приказната за часовникот е обид за дефокусирање на јавноста. Според него, станува збор за сосема помала вредност на часовникот кој го добил на подарок од сопругата.
„Го имам часовникот со години наназад, посебно ми е значаен бидејќи го добив како подарок од сопругата. Цената му е околу 250 евра. Целата оваа приказна со рачен часовник кој има една баснословна цена доаѓа во време кога се бара начин како да се фрли дамка врз мене, посебно оваа недела бидејќи очигледно не може да се најде друг начин за да се засени напредокот што се случува во Кисела Вода“,
вели Ѓорѓиевски.