Резолуцијата е усвоена со 120 гласа „за“, 14 „против“ и 45 „воздржани“
Шефот на израелската дипломатија Ели Коен ја отфрли резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се повикува на прекин на огнот во Појасот Газа.
Тој резолуцијата ја нарече одвратна.
„Ние целосно го отфрламе одвратниот повик на Генералното собрание на ОН за прекин на огнот. Израел има намера да го елиминира Хамас, исто како што светот се справи со нацистите и ИСИС“,
напиша Коен на платформата Икс.
We reject outright the UN General Assembly despicable call for a ceasefire.
— אלי כהן | Eli Cohen (@elicoh1) October 27, 2023
Israel intends to eliminate Hamas just as the world dealt with the Nazis and ISIS.
Претходно и израелскиот амбасадор во Обединетите нации, Гилад Ердан, ја отфрли резолуцијата на ОН, истакнувајќи дека Израел ќе продолжи да се брани.
„Ова е црн ден за ОН и за човештвото… Сите сме сведоци дека ОН веќе не поседуваат ниту една унца легитимност или релевантност“,
истакна Ердан, додавајќи оти Израел ќе ги употреби „сите средства“ во борбата против Хамас.
За разлика од Израел, Хамас го поздрави усвојувањето на резолуцијата и побара итно да биде спроведена, вклучително и достава на гориво и помош за цивилите во Појасот Газа.
И палестинското Министерство за надворешни работи ја поздрави резолуцијата, потенцирајќи дека израелската инвазија „достигнува нов врв на бруталност“.
Во резолуцијата, на предлог на Јордан во име на арапските држави, се осудуваат сите акти на насилство против палестинските и израелските цивили, терористичките и неселективни напади, а се повикува и на непречена помош и заштита на цивилите.
Резолуцијата е усвоена со 120 гласа „за“, 14 „против“ и 45 „воздржани“.
Одлуките на Генералното собрание не се правнообврзувачки, но имаат морална тежина поради универзалноста на членството.