Министерот за економија најави дека на владина седница е одлучено мерката за намалување на цените и ознаката „гарантирана цена“ да продолжи до крајот на годината, а на производителите и дистрибутерите им се враќа и можноста за продажба на прехранбени производи на акции и промоции

Ознаката „гарантирана цена“ на прехранбените производи, алкохолните и безалкохолните пијалаци ќе стои до крајот на годината. Ова е одлука која е донесена на денешната владина седница, а ја изнесе министерот за економија Крешник Бектеши.
Освен оваа одлука, како што рече Бектеши, решено е и да се укине одлуката за забрана за акции и промоции од страна на производителите и дистрибутерите.
Одлуката за укинување на забраната за акции и промоции, според Бектеши, е донесена затоа што одредени трговци на мало ја толкувале како неможност за давање вакви акции.
„По вчерашната конференција и дискусија со трговците на мало и на големо и производителите, како и со помош на Стопанската комора на Северна Македонија, укината е одлуката во делот на акциите имајќи предвид дека одредени трговци на мало ја толкуваа претходната одлука како неможност за давање акции и промоции. Тоа значи дека сега и производителите и дистрибутерите ќе може да организираат такви акции со цел да ги намалат цените за потрошувачите“,
рече Бектеши.
Во однос на втората одлука, додаде Бектеши, таа е донесена согласно сите анализи и разговори што ги имале со Државниот пазарен инспекторат, а воедно и со Секторот за трговија во Министерството за економија.
„Имајќи предвид дека веќе е подготвен финалниот текст на законот за нефер трговски практики, кој треба за кратко време да биде пратен во собраниска процедура, а нашите очекувања се дека до крајот на годината ќе биде пуштен од страна на пратениците, одлучивме да мерката за намалување на цените и ознаката ’гарантирана цена’ да продолжи до крајот на годината, односно наместо до 30 ноември ја продолжуваме до крајот на годината“,
рече Бектеши.
Дотогаш, додава тој, најверојатно ќе го имаме новото законско решение што ќе значи дека потрошувачите ќе бидат обезбедени да не можат да се направат злоупотреби во делот на намалување на цените на производите кои беа наведени во претходната одлука.
„Значи сите прехранбени производи, безалкохолните и алкохолните пијалаци, кои се со одлуката за намалување на цената со ознаката ’гарантирана цена’ треба да имаат 10 отсто пониски цени отколку што се продавале на 1 август годинава“,
додаде тој.
Листата на производи што ја утврди Владата за да бидат со „гарантирана цена“ опфаќа 24 категории производи. Потоа беше донесена одлука да се намалат цените и на пијалаците.