Не можам да зборувам за детали, бидејќи тоа е договорот, но сè за Косово и Метохија е тешко денес, рече српскиот претседател Александар Вучиќ во интевју за ТВ „Пинк“ по вчерашните разговори со „големата петорка“

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека разговорот со „големата петорка“ бил тежок, но и дека верува дека ќе најдат излез, иако за Србија нема лесни теми. „Не можам да зборувам за детали, бидејќи тоа е договорот, но сè за Косово и Метохија е тешко денес“, рече тој во инревју за ТВ „Пинк“, пренесе ртс.рс.
Посочи дека не треба да се заборави нивната крајна цел, а тоа е признавањето на „самопрогласената независност на Косово“.
„Дали причината е Бањска или нешто друго, тоа може да промени нешто во тактичка смисла, но суштински таа е политиката на однос кон Србија, во која Приштина секогаш има предност бидејќи 22 од 27 земји на Европската Унија, најмоќните земји, ја признаа независноста на Косово, но и САД. Тогаш разбирате како стојат работите“,
вели Вучиќ.
Вучиќ рече дека за Србија нема лесни работи, но посочи оти се надева на успех.
„Верувам, ако можам да го кажам тоа и да ги уверам луѓето, верувам дека ќе успееме да најдеме излез“,
рече тој.
Вучиќ најави дека во четврток и петок ќе оди во Брисел каде тема ќе биде Косово и Метохија. Тој додаде дека може да се случи и премиерката Ана Брнабиќ да биде во тоа време во Брисел по враќањето од Њујорк, но од друга причина.
Во интервјуто, Вучиќ најави дека изборите ќе се одржат на 17 декември и ќе бидат клучни за народот, бидејќи тој ќе избере дали сака да живее во побогата земја или да се врати во минатото.
На прашањето кога ќе се знае точниот датум на изборите, Вучиќ рече дека ќе се знае кога ќе ги распише, но дека веќе може да каже дека ќе се одржат на 17 декември.
„Мислам дека изборите се одлучувачки, бидејќи после ова четири години нема да има избори, четири години нема да има избори и потоа ќе ги имаме сите избори заедно во 2027 година. Сите изборни циклуси заедно во 2027 година“,
рече Вучиќ.
Инаку, на вчерашниот состанок во Белград учествуваа специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, заменик-помошникот државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, советниците за надворешна и безбедносна политика на претседателот на Франција и канцеларот на Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер и дипломатскиот советник на премиерот на Италија, Франческо Тала.
„Големата петорка“ претходно беше во Приштина на средба со косовскиот премиер Албин Курти.