Со развиени знамиња, демонстрантите организирани од Платформата за поддршка на Палестина се групираа пред џамијата, како што велат, да изразат поддршка за Палестина и палестинскиот народ
„Молете се за Палестина“, „Израел е вистински терорист“, „Слободна Палестина“, „Стоиме со Газа“.
Ова беа само дел од пораките кои денеска пред платото на Мурат-пашината џамија во Старата скопска чаршија со транспаренти во рацете ги покажаа околу стотина демонстранти кои излегоа да изразат поддршка за Палестина.
На протестот му претходеше петочна молитва пред џамијата.
Веднаш потоа, со развиени знамиња, демонстрантите организирани од Платформата за поддршка на Палестина се групираа пред џамијата, како што велат, да изразат поддршка за Палестина и палестинскиот народ.
На протестот обраќања имаше на албански, турски и македонски јазик.
Емин Хусрев, еден од организаторите на Платформата за поддршка на Палестина, посочи дека окупаторската држава Израел од 1948 година преку разни нехумани дејствија на присилно иселување, опструкции, ембарго, притисоци и провокации врши контролиран масакр на палестинскиот народ.

„Израел долги години е во позиција на окупатор во регионот и слично како во минатото и деновиве врши дејности на притисок и насилство врз муслиманското население во Палестина, на чело со Газа. Нападите во последните дванаесетина дена на Израел, при кои таргетира цивили, меѓу кои значаен дел се жени и деца, кулминираа со бомбардирањето на баптистичната болница ’Ал Ахли’, акт кој е неприфатлив за човештвото. Ние, како поединци со хумана свест, не можеме да останеме неми на ова злосторство. Овие варварски напади кои до денес причинија над 3 500 жртви, меѓу кои најголем број се деца, треба да престанат“,
посочува тој.
Вели дека со жалење истакнуваат дека меѓународната заедница на чело со Обединетите нации останува индиферентна на случувањата и не презема чекор во насока на спречување на масакрот кој за цел го има невиното население.
„Овој амбивалентен став на меѓународната заедница, која останува слепа на систематско и долгогодишно кршење на човековите права кон угнетеното палестинското население, во ниту еден случај не го одразува мислењето на нас, совесните граѓани на Северна Македонија. Затоа, по оваа пригода, апелираме веднаш да се преземат чекори за да престанат овие напади кои брутално го газат човечкото достоинство. Би сакале да потенцираме дека како заедници на овој регион, кои беа изложени на низа масакри и геноциди при крајот на 20 век, се солидаризираме со нашите браќа и сестри од Палестина. Во атмосфера во која светот не може да издржи продолжување на конфликти и трагедии, за жал, човештвото не успеа да го положи својот испит при последните случувања во Газа. И покрај фактот дека палестинскиот проблем е прашање на достоинство на целиот свет, на глобалното безбедносно уредување, како и на сите надлежни и одговорни институции, сепак тој е упорно продолжува да биде негиран“,
додава Хусрев.
Очекуваат, како што вели тој, почнувајќи од соседните земји, час поскоро да се преземат потребните чекори во насока на воспоставување на мирот и стабилноста.
„Од друга страна, апелираме Америка, Европа и земјите од останатите региони да преземат праведен и хуманоцентричен став помеѓу страните. На крај, изразуваме бескрајна благодарност до сите совесни политичари, албански, турски, македонски, босански и ромски невладини организации, како и до ценетите наши сограѓани од разни градови на земјата кои дојдов овде со цел да покажеме дека сме заедно со Палестина и палестинскиот народ. Овие нечовечки политики на Израел се најостро осудени од сите страни на општеството. Секое разбирање кое го поддржува злосторството злосторот неминовно ќе го снема. Без разлика на сè, ние сме покрај угнетениот палестински народ“,
заклучи Хусрев.














