Студијата за која извести Националниот институт за здравство на САД е базирана на експеримент со две групи мајмуни макаки-резус, заразени со новиот коронавирус, од кои едната била третирана со ремдесивир, а другата не
Антивирусниот лек ремдесивир покажал забележителни резултати кај мајмуни заразени со новиот короновирус, открива студија на Националниот институт за здравство на САД.
Експериментот вклучил две групи од по шест мајмуни макаки-резус кои биле намерно инфицирани со коронавирусот. Притоа, едната група мајмуни била третирана со ремдесивир, а другата не.
Првата група ја примила првата доза од лекот интравенски 12 часа по иницијалната инфекција и била третирана со ремдесивир потоа секој ден во следните шест дена. 12 часа по првата примена доза, симптомите на ковид-19 кај мајмуните забележително се намалиле и нивната состојба продолжила да се подобрува во понатамошниот тек на истражувањето. Од Институтот појаснуваат дека научниците се погрижиле првата доза од лекот да ја дадат пред вирусот да го достигне највисоко ниво во белите дробови на мајмуните.
На крајот на експериментот само еден од шесте мајмуни третирани со ремдесивир имал благи проблеми со дишењето додека сите шест животни во групата што не го добивала лекот имале отежнато дишење.
Количината на вирус пронајдена во белите дробови била забележително помала во групата што била третирана со лекот во споредба со нетретираната група, открива студијата. Исто така, коронавирусот предизвикал помалку оштетувања во белите дробови на лекуваните мајмуни.
„Раниот (навремениот) третман со експерименталниот антивирусен лек ремдесивир забележително ги намали клиничката болест и оштетувањето на белите дробови кај макаки-резус мајмуните инфицирани со SARS-CoV-2, коронавирусот што предизвикува ковид-9“,
пишува во известувањето од Националниот институт за здравство на САД.
Ремдесивир, оригинално произведен од американската компанија Gilead Science Inc. за третирање ебола, е еден од неколкуте лекови што активно се тестираат за да се оцени нивната ефикасност за третман на заразени со новиот коронавирус. Веќе се во тек клинички истражувања кај луѓе.
Тестирањето на ремдесивир кај луѓе почна во Медицинскиот центар на Универзитетот во Небраска во февруари и во болницата на Универзитетот во Чикаго, кој во четвртокот извести за рапидно заздравување од треска и респираторни симптоми кај 113 пациенти со коронавирус кои биле третирани со ремдесивир. Речиси сите пациенти биле пуштени на домашно лекување за помалку од една недела, соопштија од Универзитетот во Чикаго.