За да влезе во трката за избор на претседател на државата, тој ќе треба да собере 10 000 потписи или да биде поддржан од најмалку 30 пратеници
Универзитетскиот професор Вело Марковски ќе се кандидира за шеф на државата на претстојните претседателски избори што треба да се одржат напролет.
Намерата за поднесување на кандидатура Марковски официјално ќе ја објави в четврток, на 19 октомври.
За да влезе во трката за избор на претседател на државата, тој ќе треба да собере 10 000 потписи или да биде поддржан од најмалку 30 пратеници.
Марковски дипломирал на медицинскиот факултет во Скопје во 1983 година, од 1986 до 1992 година работел како лекар во службата за Итна медицинска помош во Скопје, а потоа до 2010 како лекар специјалист во Инфективната клиника при клиничкиот центар во Скопје. Од 1999 до 2002 година бил директор на ЈЗУ Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Поголемите партии сè уште немаат објавено кој ќе биде нивниот кандидат за шеф на државата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека досега се искристализирале 22 имиња, но во периодот што следува тој список ќе биде намален.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека на следните претседателски избори политичкиот концепт „Европски фронт“ од партии кои се залагаат за европска интеграција на државата ќе имаат заеднички кандидат.
Петгодишниот мандат на актуелниот претседател Стево Пендаровски истекува на пролет следната година.
Согласно Уставот, за претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години.
Кандидат за претседател на Републиката можат да предложат најмалку 10 000 избирачи или најмалку 30 пратеници. За претседател на Републиката е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи.