„Доколку не ја стави на дневен ред оваа интерпелација и не се произнесе зошто го крши Деловникот на Собранието, со што му прави директна услуга на Љубомир Јовески, ние имаме право да се сомневаме дека заробената држава е подлабока од Јавното обвинителство. Камбаната бие и за претседателот на Собранието“, велат пратениците на пратениците од Алтернатива, Движењето Беса и Демократското движење
Група пратеници од албанскиот опозициски блок во Собранието го обвинуваат претседателот на Собранието Талат Џафери дека го штити јавниот обвинител Љубомир Јовески, зашто на дневен ред не ја става поднесената интерпелација која тие ја поднеле за неговата работа поради судскиот предмет за пожарот во тетовската модуларна болница во кој на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица.
Подносители на интерпелацијата се пратеници од Алтернатива, Беса и партијата Демократско движење, а причина за оваа интерпелација е нивното основано сомнение дека, како што велат, тој имал улога во поинакво насочување на судскиот процес што се водел во врска со пожарот на модуларната болница во Тетово, при што загинаа 14 пациенти.
„Според Деловникот на Собранието на РСМ, поточно член 47, претседателот на Собранието е должен интерпелацијата да ја стави на дневен ред на наредната прва пленарна седница во рок од 15 дена од поднесувањето. Меѓутоа, поминаа 15 дена, а претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, не закажа пленарна седница за оваа интерпелација. Тоа ни дава за право да се сомневаме дека има нешто меѓу него и Љубомир Јовески, можеби е поврзано со некоја коруптивна афера, бидејќи претседателот на Собранието го штити јавниот обвинител дури и со кршење на Деловникот на Собранието на РСМ. Со што го уценува јавниот обвинител претседателот на Собранието или некој друг од неговата партија, тоа треба да го објаснат тие, но дека г. Џафери го брани Љубомир Јовески, кој во јавноста се гледа како главен виновник за поинакво насочување на судскиот процес за модуларната болница во Тетово, за ова веќе нема сомнение. Доколку не ја стави на дневен ред оваа интерпелација и не се произнесе зошто го крши Деловникот на Собранието, со што му прави директна услуга на Љубомир Јовески, ние имаме право да се сомневаме дека заробената држава е подлабока од Јавното обвинителство. Камбаната бие и за претседателот на Собранието“,
велат пратениците на пратениците од Алтернатива, Движењето Беса и Демократското движење.
Според нив, за оваа интерпелација ниту пратениците на Алијансата за Албанците,ниту тие од ДУИ се изјасниле.
„Ова освен што ги става во клупата на виновниците, затоа што штитат функционер кој се плаши да се соочи со пратениците кои го гласале, дури и кога неговото име се спомнува за злоупотреба на службената положба, овие пратеници оставаат простор за сомневање дека тие или лидерите на нивните партии се уценувани од материјали на фиоките на Јовески. Што ги попречува пратениците на ДУИ и Алијансата да ја поддржат интерпелацијата за јавниот обвинител ако на другата страна има 14 жртви изгорени во пожарот, а ниту еден виновник не е во затвор? Со кого се тие, со изгорените жртви или со Јавниот обвинител?“,
додаваат пратениците.
Велат дека ќе продолжат да ја водат битката со сите демократски средства.
„Од денеска јавноста мора точно и правилно да знае дека слуги на Љубомир Јовески во Собранието на Република Северна Македонија се Талат Џафери заедно со пратениците на Демократската унија за интеграција и пратениците на Алијансата за Албанците. Тоа се личните имиња кои не дозволуваат да се открие вистината за палењето на 14 пациенти во модуларната болница во Тетово. Нека им служи на чест!-
заклучија пратениците на пратениците од Алтернатива, Движењето Беса и Демократското движење.
Инаку, двајцата пратеници од опозициската Левица соопштија дека се приклучуваат кон интерпелацијата против републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, која пред две недели беше поднесена од група пратеници од албанскиот опозициски блок во парламентот, а чија поддршка најави и ВМРО-ДПМНЕ.
Собрание: Интерпелацијата ќе биде ставена на првата наредна нова седница
Од собраниската прес-служба посочија дека Јавниот обвинител на РСМ ја примил интерпелацијата на 18.09.2023 година.
„Треба да се достави одговор во рок од 15 дена од денот на приемот, односно до 02.10.2023 година. Врз основа на членовите 46 и 47 од Деловникот: Јавниот обвинител има право да поднесе писмен одговор најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата, односно до 02.10.2023 година. Ако Јавниот обвинител достави одговор интерпелацијата се става на дневен ред на седница на Собрание по истекот на 15 дена од добиениот одговор. Ако Јавниот обвинител не достави одговор до 02.10.2023 година интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, односно по 02.10.2023 година. Одговорот од страна на Јавниот обвинител е доставен на време. Собраниските служби работат на тоа и за кратко време ќе го добијат сите пратеници. Интерпелацијата ќе биде ставена на првата наредна нова седница“,
велат од собраниската прес-служба.
