Српскиот претседател, во изјава за новинарите во Белград, рече и дека имал долг телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, по повод најновата ситуација на Косово. Разговорот, според српскиот претседател, не бил лесен и имало работи за кои се согласиле, но и такви за кои не се согласуваат со Блинкен
Српскиот претседател Александар Вучиќ вели дека изјавата на потпретседателот на Српска листа, Милан Родоичиќ, ја видел „во скратена верзија“, додавајќи дека тој ќе мора да одговори на поканата на истражните органи, пренесуваат српските медиуми.
За потсетување, Радоичиќ денеска ја презеде целосната одговорност за настаните во селото Бањска на северот на Косово, во кои во вооружен напад загина старешина на косовската полиција, тројца припадници на групата беа убиени, а повеќемина приведени.
Изјавата на Радоичиќ ја прочита неговиот адвокат Горан Петронијевиќ.
„Допрва ќе го прочитам писмото. Сигурен сум дека надлежните треба да поставуваат прашања, дали обвинителот ќе го гони не е прашање за мене. Прво оди по процедура, тоа го знам, ако некој мислел дека тој ќе бега или ќе се крие. Се гордее со тоа, мислам дека никој нема право да убие некого, ќе треба да се постават некои прашања, можеби не учествувал во тој дел, тоа е прашање на обвинителството. Знам дека полицијата треба да собира информации, па обвинителот доаѓа и одлучува“,
ја пренесува Н1 изјавата на Вучиќ.
Тежок телефонски разговор со Блинкен
Српскиот претседател, во изјава за новинарите во Белград, каде што денеска се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, и принцот престолонаследник на Абу Даби, шеикот Калед бин Мухамед бин Зајед ел Нахјан, рече дека имал долг телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, по повод најновата ситуација на Косово.
Вучиќ рече дека разговорот не бил лесен и дека имало работи за кои се согласиле, но и такви за кои не се согласуваат со Блинкен.
„Се согласивме дека е потребна деескалација, значително поголема улога на КФОР, а Србија секогаш и сигурно ќе ја поддржува таа поголема и позначајна улога. Дури би сакале таа да биде исклучива, особено на северот на Косово“,
рече Вучиќ, пренесува РТС.
Претседателот на Србија додаде дека ги негирал наводите дека борбената готовност на Армијата на Србија е подигната на највисок степен. Тој нагласи дека тоа не е точно и дека тој не потпишал такво нешто.
„Она за што не се договоривме (со Блинкен) е природата на она што се случи на Косово, особено во однос на таканаречениот суверенитет на Косово“,
рече Вучиќ.
Во разговорот, рече, истакнал дека Србија не се согласува со тоа.
„На прашањето од каде ги добивме приказните, не сакам да кажам сега поради семејствата на жртвите, но ќе разговараме за тоа јасно и не сакам да кријам ништо и не ми е грижа што кој било во светот размислува за тоа, затоа што имаме докази дека барем едно, а можеби и две лица биле буквално ладнокрвно ликвидирани и дека не биле ликвидирани во битка, туку само ранети. Тие биле живи, се предале, а потоа беа ладнокрвно ликвидирани од кратко растојание“,
изјави Вучиќ.
Тој истакна дека не сакал да се согласи и со тоа дека станувало збор за совршена, професионално направена акција и прашал зошто ЕУЛЕКС бил одбиен да биде присутен на северот на Косово.
„Блинкен зборуваше и за некои мерки доколку не се однесуваме соодветно. Јас реков: Вие сте голема земја, велесила, на вас е да го правите она што мислите дека треба да го правите. Јас сум апсолутно против тоа и мислам дека е многу лошо, но има работи до кои треба да се држиме, а тоа е пред сè вистината“,
изјави Вучиќ.
НАТО денеска одлучи да испрати дополнителни сили на северот на Косово поради зголемените тензии по убиството на косовскиот полицаец во селото Бањска минатиот викенд.
По состанокот на Северноатлантскиот совет, на кој се разговараше за ситуацијата во Косово, сојузниците, како што се наведува во соопштението, изразиле длабока загриженост за растот на тензиите на северот на Косово.
„Од мај го зголемивме присуството и држењето на КФОР. Само вчера, на 28 септември, Северноатлантскиот совет одобри дополнителни сили за решавање на сегашната ситуација“,
се вели во соопштението, без да се прецизира колку дополнителни сили се одобрени.
Во соопштението на Организацијата, двете страни се повикуваат на деескалација и ги повикуваат Белград и Приштина да се вклучат во дијалог со посредство на Европската Унија, како единствен начин за решавање на отворените прашања и постигнување решенија кои ќе доведат до трајна безбедност во регионот.