Лидерот на опозициската партија уште еднаш повтори дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржат и со амандмани ќе го блокираат предложениот закон за амнестија кој вчера беше усвоен од Владата. Додаде дека со носењето на законот власта има намера да ги ослободи криминалците бидејќи, како што рече, тоа им го ветила
ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи и со амандмани ќе го блокира предлог-законот за амнестија кој сега треба да биде доставен во Собранието, дециден е претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.

Со носењето на ова законско решение, според Мицкоски, власта има намера да ги ослободи криминалците коишто служат затворски казни бидејќи, како што вели, таа тоа им го ветила.
Додаде дека со законот целосно или делумно ќе се ослободат дел од затворениците во затворите, а потоа, како што рече, „истите тие криминалци ќе се најдат на улица и ќе ѝ прават проблем на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Преземени се обврски кон криминалците коишто се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат делумна амнестија, дел да добијат целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат. Можам да ги разочарам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од каков било облик дали се тоа вакви криминалци кои што се занимаваат со изнуда, ограбувања, рекетирање, насилство или политичките криминалци коишто денеска се дел од владата“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и претходно најави дека неговата партија ќе го блокира предложениот закон за амнестија, кој уште минатата недела се најде на владина седница, по што беше вратен на дополнително усогласување, за конечно „зелено светло“ да добие на вчерашната седница на Владата.
По ваквата изјава на Мицкоски на 13. месецов, министерот за правда Кренар Лога, чие министерство е предлагач на законското решение, му реплицира на лидерот на опозицијата преку фејсбук-статус.
Лога објави две фотографии – првата, како се менуваше фасадата на МЕПСО со стиропор и гипс во рамки на проектот „Скопје 2014“, а втората од состојбата на затворот „Идризово“. Во описот на фотографиите напиша: #ВМРО: ‘Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома’.
Откако на минатата владина седница беше вратен на доусогласување, предлог-законот за амнестија беше конечно усвоен на вчерашната седница на Владата, по што ќе биде испратен до Собранието.
Единствената промена во содржината на предложеното законско решение што го изработи Министерството за правда, е амнестија на лицата кои направиле кривично дело во странство, а казната ја издржуваат во земјава. Согласно измените, законот за амнестија ќе ги опфаќа македонските државјани кои се осудени од странски или меѓународен суд согласно кривичните закони на странска држава, а казната ја издржуваат во С Македонија откако пресудата е признаена од надлежен суд во земјава, согласно ратификуван меѓународен договор