Освен што наидовме на затворени врати на бугарскиот клуб, не успеавме да ги најдеме и претставниците на локалната организација која беше домаќин при посетата на потпретседателката на Бугарија на областа Гора на Косово.
Според мештаните, во Гора, сепак не доминира ниту македонското ниту бугарското влијание, туку српското. Белград финансиски го помага регионот и инвестира во образованието, па затоа голем дел од нив, покрај македонските, имаат и српски документи
Во југозападниот дел на најмладата европска држава, Косово, се наоѓа областа Гора. А таму, покрај Албанци и Бошњаци, голем дел од населението се декларира како Горанци – народ со муслиманска вероисповест кој говори јужнословенски јазик. Македонија на Горанците гледа како на дел од македонскиот народ. Белград на нив гледа како на дел од српскиот народ. Но, како што покажа овогодишната посета на бугарската потпретседателката Илијана Јотова на Косово, Софија на нив гледа како на дел од бугарскиот народ.
„На 140 километри од Приштина се чувствува бугарскиот дух. Драгаш е најголемата општина во Косово во која живеат косовски граѓани со бугарска самосвест“,
се вели во репортажата на бугарската национална телевизија.

Набргу по посетата на бугарската потпретседателка на Гора, претставници од горанската заедница дојдоа во Скопје, на средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски. На 1 ноември годинава, Косово ќе спроведе попис на населението. „360 степени“ го посети регионот Гора, пред да почне пребројувањето. По воздушна линија, од Скопје до средиштето на областа Гора на Косово има околу 100 километри. Но, ако тргнете од Скопје за Гора со автомобил, тие 100 километри се еднакви на повеќе од три часа возење. Најбрзо, во моментов, се стигнува ако се вози од Скопје до Приштина, па до Призрен. Потоа, јужно од Призрен, патот води кон падините на Шар Планина од косовска страна. Неасфалтираниот пат, на кој се крева огромна прашина кога и да помине автомобил или камион, нè носи во едно од најголемите места во областа Гора – селото Брод.

Во Брод живеат околу 1 500 жители, но секое лето во него се враќаат големиот број печалбари кои работат во Западна Европа. При влегувањето во селото, забележавме многу автомобили и градежни работи на куќи, што е знак за присуство на печалбарите.

Со прошетка по сокаците се стекнува впечаток како да сте во некое скопско село, а не во друга држава, бидејќи секој втор автомобил е со скопски регистарски таблички и македонско знаме. И сретсело еден од рестораните го носи името на македонскиот главен град.

Човек кој говори македонски веднаш го препознава јазикот на кој се зборува во селото, а кој Горанците го нарекуваат „нашински“. По пристигнувањето, нè пречека претседателот на Македонската горанска заедница од Косово, Авнија Рахте.
Тој вели дека Горанците ја чувствуваат Македонија за своја земја и во голем број се идентификуваат како македонски Горанци, но и дека жално е што ова чувство не е возвратено од македонската држава. Напротив, вели Рахте, иако тие во голем број мигрираат и работат во Северна Македонија, сè уште се соочуваат со проблеми при вадење лични документи и остварување други права – што, пак, е плодна почва за влијание од други страни.
„Ова е една утакмица која се игра. Утакмицата беше за Македонија која имаше добри играчи во Косово, а сега спонзорите се слаби и кој ќе добие не се знае. Македонија заспала, треба да се разбуди. Има еден наш тука, направил книга, се вика ‘Разбуди се’. 10 години не се разбудија“,
вели претседателот на Македонската горанска заедница од Косово, Авнија Рахте.

Во областа, според кажувањата на локалците, чест гостин е Виктор Стојанов од бугарската Фондација „Македонија“, со намера да донира за жителите на Гора.
„Тој Виктор бил тука, во Гора, 20 пати и донатор бил и сè. Сега дојде и потпретседателката на Бугарија, Јотова, и дојде тука, имаше средба со градоначалникот на О. Драгаш и донација дадоа за култура 40 000 евра“,
изјави Рахте.
Сепак, на прашањето за етничката припадност, луѓето тука првенствено велат дека се Горанци, а дури потоа и Македонци кои говорат „нашински“ или македонски јазик. Бугарската припадност, се чини, е реткост.
Нема, нема, тоа е сè пропаганда и политика.
Тука каков народ живее?
Па Македонци, како да ви кажам.
Исто како што сега постојат марсовци овдека, така постојат и Бугари. Меѓутоа, овде населението нема интерес за бугарски пасоши, нема отворено канцеларии бугарски овдека за да работат.
Македонски јазик се говори, а вероисповест е муслиманска.
Наидовме и на граѓанин кој има бугарски пасош. Не сакаше да говори пред камера, но ни објасни зошто извадил такви документи.
„Се движиш во Европа. Јас, едната ќерка во Англија ми магистрираше со македонски пасош, платив 18 000 фунти за една година, помалата извади бугарски пасош со мене заедно за 4 000 годишно. За слобода“,
вели еден од жителите на Брод.

Според мештаните, во Гора, сепак не доминира ниту македонското ниту бугарското влијание, туку српското. Белград финансиски го помага регионот и инвестира во образованието, па затоа голем дел од нив, покрај македонските, имаат и српски документи.
Жителите на Брод со кои разговаравме тврдат дека нивното село никогаш не ги прифатило претставниците кои им доаѓале на посета од Софија. Сепак, ни кажаа дека во областа постои еден бугарски клуб во село оддалечено 20 километри од Брод – Горни Крстец. Дотаму се доаѓа по тешко пристапен пат. Трошната куќа во која е сместен клубот е на самиот влез во селото. Но, ништо не покажува дека тој функционира.
„Токму на ова место во селото Горни Крстец пред неколку месеци бугарската потпретседателка Јотова се сретна со претставници на бугарското малцинство во Косово. Тогаш и беше отворен овој клуб. Сега, неколку месеци подоцна, клубот е затворен“,

За разлика од раздвиженоста во Брод, селото Горни Крстец зјаеше празно. Се обидовме да дознаеме кој е надлежен за клубот и да поразговараме со претставници на бугарското малцинство, но на единствениот пат кој води во и надвор од селото долго време никој не помина.

Потоа, среќата ни се насмевна – од една куќа излезе средовечен човек.
Нема Бугари, нема. Порано работеле нашите стари луѓе во Бугарија.
– А бугарскиот клуб дали сè уште работи, на почетокот на селото што е?
Не, не, не,
ни одговори жител на с. Горни Крстец.
Веднаш потоа пристигна и автомобил во кој имаше две лица кои нè замолија да не ги снимаме со камера, а кои имаа што да кажат на темата.
Нема Бугари во село, тоа Бугари е вештачко за да добијат пасоши. Овде се Горанци, више на Македонија него на Бугарија. Бугари нема.
-Ама дека има подоле клуб отворено?
Ама отвори тие због финансии Бугари што им одговара. Кои Бугари, кај има Бугари?
–Па, тоа бараме да најдеме сега.
Па нема, кај ќе најдеш. Кога ќе треба некои пари да се земат од здружение од Бугари тоа, инаку го нема нигде. Живее у Белград, жена му живее во Белград.
Мештаните нè уверуваа дека првиот човек на „Обединети Бугари на Косово“, организацијата која беше домаќин на потпретседателката Јотова во февруари годинава, е Расмин Хамза. Тој живеел во Белград, а брат му бил имам во селото. Го побаравме и го најдовме имамот, но тој ни кажа дека брат му е премногу зафатен и дека нема време да нè прими. Тука заврши и нашиот обид да ги најдеме и да поразговараме со Гораните кои се чуствуваат како Бугари, пред пописот на Косово.

Послeдниот попис на Косово се одржа во 2011 година. Тогаш, како Горанци се изјасниле околу 10 000 лица. Нивната бројка не може точно да се следи низ годините бидејќи во претходните пописи, во времето на Југославија, нема попишани Горанци. Имало графа за етничка припадност „муслимани“.