Во однос на самиот Договор, кој беше ратификуван во Собранието, Кацарска, како што и претходно на самата седница образложи судијата известител Насер Ајдари, рече дека Уставниот суд нема надлежност да одлучува за усогласеноста на меѓународните договори со Уставот. Ова, како што посочи претседателката на Уставниот суд на прес-конференцијата по речиси двочасовната дискусија на седницата, значи дека нема услови за впуштање во анализа на основаноста на наводите од иницијативите кои се однесуваат на содржината на Спогодбата. Под претпоставка да се укине Законот за ратификација, Договорот сепак останува, рече таа
Инаку, дискусијата на денешната седница во најголем дел се водеше во врска со непотпишувањето на Указот за прогласување на Законот за ратификација од тогашниот шеф на државата Ѓорге Иванов. Иако можеа да се слушнат различни толкувања, конечниот став околу кој се согласиле судиите е дека Иванов бил должен да го потпише Указот кога Законот бил усвоен по втор пат од Собранието. Уставниот суд, како што наведе претседателката, цени дека тој не содржи правни норми, не е пропис, туку е дел од процедура
На денешната седница присуствуваше и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, кој е подносител на дел од иницијативите со кои беа оспорени овие акти. Тој ја проследи дискусијата на уставните судии, по што си замина очигледно незадоволен, насетувајќи го исходот
Иницијативите за уставноста на Законот за Преспанскиот договор, со кој се стави крај на долгогодишниот спор за уставното име на државата меѓу Македонија и Грција и указот за негово прогласување, кој во „Службен весник“ беше објавен без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, по неколку години чекање, денеска, конечно, се најдоа на дневен ред на 33. седница на Уставниот суд.
По речиси двочасовна дискусија, Уставниот суд, како што соопшти претседателката Добрила Кацарска на прес-конференција по седницата, донесе едногласна одлука да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (од 1993 година) и 845 (од 1993 година) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните, како што гласи целосниот назив на Законот.
Судот, исто така, соопшти Кацарска, одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на указот со кој е прогласен овој Закон и да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акти и нивната усогласеност со Законот за склучување на ратификација и извршување на меѓународни договори и Виенската конвенција за договорно право.
Иако поднесени уште во 2019 година, причините за досегашното чекање Уставен да се произнесе по Законот за Преспанскиот договор, беа промената на судијата известител во предметот, околностите со пандемијата на коронавирусот и некомплетниот состав на Уставниот суд, поради заглавените процедури за избор на нови членови во Собранието.
Нив денеска, во образложението на рефератот по предметот, ги наведе и актуелниот судија известител Насер Ајдари.
Подносители на иницијативите за кои Уставен одлучи да не поведе постапка, односно да ги отфрли иницијативите беа претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, Ивица Ефремов и Стив Ангеловски во Битола, Солза Грчева и Томе Тодоровски.
Според наводите во иницијативите, на кои на денешната седница се наврати судијата Ајдари, подносителите тврдеа дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот. Исто така, се тврди дека оспорените акти го нарушуваат владеењето на правото.
Во дел од иницијативите, како што соопшти Судот, било наведено и дека претседателот на Собранието (во случајот Талат Џафери) немал надлежност да утврдува одговорност дека претседателот на Републиката го кршел Уставот со непотпишувањето и дека во конкретната ситуација шефот на државата не бил спречен да го направи тоа, за да биде заменет од страна на претседателот на Собранието.
„Бидејќи претседателот на Републиката не го потпишал Указот, во иницијативите се наведува дека оспорениот закон не важи и не може да произведува правно дејство, односно објавување на Законот без потпис на претседателот на Република Македонија е грубо кршење на Уставот“,
спореа, меѓу другото, подносителите на иницијативите кои Судот ги спои во еден предмет.
Во однос на самата Спогодба меѓу Македонија и Грција, која беше ратификувана во Собранието, подносителите на иницијативите наведуваат дека таа е ништовна бидејќи е во спротивност со меѓународното право на самоопределување на народите, правото на секој народ да избере свое име, идентитет, свои национални обележја, симболи и друго и е во спротивност со Виенската конвенција на договорно право.
Сите подносители, како што беше посочено на денешната седница, бараа поништување на оспорените акти.
Образложувајќи ја одлуката, претседателката Добрила Кацарска на прес-конференцијата рече дека Уставниот суд оценил дека Законот за ратификација на договорот е во согласност со Уставот и дека останува дел од правниот поредок на државата. За овој предмет, како што посочи таа, била спроведена темелна постапка, одржана е подготвителна седница и била направена „сеопфатна анализа на уставно-судската пракса“.
Таа сукцесивно ги наведе причините поради кои Уставен ги донесе овие решенија.
Кацарска: Указот не е пропис, туку дел од процедура
Во врска со Указот, Уставниот суд, како што наведе претседатeлката, цени дека тој не содржи правни норми, не е пропис, туку е дел од процедура.
„Кога Уставниот суд укинува или поништува Закон, Указот не се укинува посебно. Како пример за ова што го тврдам е веќе заземениот став на Уставниот суд во предметот во кој не беше поведена постапка – за Законот за Јавното обвинителство. Во овој случај, којшто е од мај годинава, Уставниот суд ја отфрли иницијативата со истото образложение дека Указот не претставува пропис“,
рече Кацарска.
Инаку, дискусијата на денешната седница во најголем дел се водеше во врска со непотпишувањето на Указот од страна на тогашниот шеф на државата Ѓорге Иванов.
За потсетување, Законот за ратификација на Преспанскиот договор во Собранието беше гласан два пати, еднаш на 20 јуни 2018 година и на 5 јули истата година, откако Иванов првично одби да ги потпише. Тој истото го стори и откако Законот со 69 гласа „за“ беше повторно изгласан во Собранието. По неколку месеци чекање, на 14 јануари 2019 г. Законот беше објавен во „Службен весник“ само со потписот на собранискиот спикер.
Иако за ова прашање може да се слушнат различни толкувања во дискусијата меѓу судиите, конечниот став околу кој се согласија е дека Иванов бил должен да го потпише Указот кога Законот бил усвоен по втор пат од Собранието.
„Во поширок контекст во духот на Уставот и неговата примена, волјата на пратениците се персонифицира со волјата на граѓаните, наспроти волјата на само еден човек. Бидејќи системот на владението на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат подеднакво за сите, па дури и за претседателот на Републиката, кој согласно член 51 став 2 од Уставот е должен истите да ги почитува. Уставот е многу јасен и не остава простор за никакви манипулации. Ќе споделам пример од уставно-судската пракса на овој суд од 1996 година кога судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за ратификација од Привремената спогодба помеѓу Република Македонија и Република Грција склучена во Њујорк во 1995 година“,
рече Кацарска.
Уште еден аспект околу кој дискутираа судиите беше рокот за објавување на Указот за прогласување на Законот во „Службен весник“, кој согласно Уставот е седум дена. Но, ваквата одредба се донесува само доколку шефот на државата реши да го искористи своето право на суспензивно вето, односно да не го потпише Законот и да го врати во законодавниот дом со забелешки. Рок за објавување на указот во „Службен весник“ по повторното гласање, во Уставот не е пропишан. Според претседателката на Уставен, во овој случај нема ништо спорно.
„Можеби некој ќе рече дека во Уставот не е предвиден рок во кој претседателот требало да го потпише указот на повторно доставениот закон, но сметам дека тука нема ништо проблематично. Имено, неспорно е дека претседателот треба да го потпише указот во рок од седум дена кога прв пат му се доставува законот чијшто рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собрание на Република Северна Македонија, а потоа тој е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде што навистина не е пропишан рок за повторно доставување на законот, односно потпишување на повторно доставен закон. Од друга страна, Републиката презела меѓународни обврски согласно Договорот. Иако на претседателот му бил оставен подолг период, тој сепак не го потпишал указот, а указот е објавен без негов потпис, туку само со потпис на претседателот на Собранието. Треба да се цени и фактот дека овој Договор се доставува и до Организацијата на обединетите нации и потпишан е и од посредник во својство на сведок, Метју Нимиц. Закон може да се прогласи само еднаш, а во конкретниот случај истиот е прогласен. Уставот ја остварил целта – Законот е прогласен“,
потенцира Кацарска на прес-конференцијата.
Судот нема надлежност да одлучува за усогласеноста на меѓународните договори со Уставот
Во однос на самиот Договор, кој беше ратификуван во Собранието, Кацарска, како што и претходно на самата седница образложи судијата известител Насер Ајдари, Уставниот суд нема надлежност да одлучува за согласноста на меѓународните договори со Уставот.
„Што значи дека нема услови за впуштање во анализа на основаноста на наводите од иницијативите кои се однесуваат на содржината на Спогодбата“,
посочи Кацарска.
Под претпоставка да се укине Законот за ратификација, Договорот сепак останува, рече таа.
„Уставниот суд нема надлежност да цени меѓународни договори како што е тоа случај во Република Србија каде Уставниот суд има надлежност да оценува согласност на ратификувани меѓународни договори со Уставот. Уставниот суд единствено може да цени дали Законот за ратификација е донесен во пропишана процедура и форма од страна на уставно овластено тело, а тоа е Собранието. Судот не навлегува во содржината на меѓународниот договор. Дури и да се укине или поништи Законот за ратификација на Договорот, во конкретниот случај т.н. Преспански договор, а и секој останат меѓународен договор, истиот останува во сила и произведува меѓународна правна обврска за државата, сè додека не се измени, раскине или поништи, но согласно меѓународните правила за договорите меѓу државите“,
рече претседателката на Уставниот суд.
Објавувањето на указот во „Службен весник“ без потпис на шефот на државата и недореченостите во највисокиот правен акт во државата, како што веќе напоменавме, доминираше во дискусијата на судиите во Уставен. Во тој контекст, можеа да се слушнат и ставови дека Уставниот суд е единствениот орган кој може да ги расчисти овие недоречености.
Ваквиот став го искажа судијата Дарко Костадиновски, правејќи споредба како ова е решено во Уставот на соседна Србија.
„На ја спорам императивноста на должноста на претседателот да го потпише Указот. Нашиот Устав не дава што ако претседателот го примени ‘џебното вето’… Верувам дека ќе се согласите дека најголем проблем со владеењето на правото во земјава е дисбалансот меѓу трите гранки на власта. Точно е дека претседателот на држвата не може да ја парализира работата на Собранието, но ајде да го свртиме прашањето – дали Собранието може да му ги одземе уставните надлежности на претседателот на државата. Во Србија, ова прашање е уредено речиси како и кај нас. Но, кај нив има одредба која вели дека ако претседателот на држвата не донесе указ за прогласување на Закон, указот го потпишува претседателот на Собранието. Без никакви дилеми, имаме сериозна уставна празнина и најдобро решение е да се интервенира во Уставот. Но, тоа е за некое друго време“,
рече судијата Дарко Костадиновски.
На денешната седница присуствуваше и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров. Тој ја проследи дискусијата на уставните судии, по што си замина очигледно незадоволен, насетувајќи го исходот.
„Претседателот на државата склучува меѓународни договори по член 119. Во овој случај, тој меѓународен договор кој го менува името на државата ја суспендира волјата на граѓаните од референдумот од 8 септември 1991 година и министер за надворешни работи кој нема активна легитимација во име на Републиката да потпише ваков меѓународен договор и по тој основ спогодбата Димитров – Коѕијас е ништовна бидејќи не е во согласност со Уставот на државата Македонија, со правниот поредок на државата Македонија и со меѓународното право, пред сè, со Виенската конвенција од 23 мај 1969 година за договорното право“,
изјави Петров за новинарите по завршувањето на седницата.
Договорот со кој земјава го смени своето уставно име од Република Македонија во Република Северна Македонија, државјанството од македонско стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, јазикот македонски, кодот остана МК/МКД, освен на регистарските таблички каде што пишува НМК, беше потпишан на 17 јуни 2018 година. Го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, долгогодишниот посредник Метју Нимиц, како и високи претставници на ЕУ и на други земји.
Договорот стапи во сила 8 месеци по потпишувањето – на 12 февруари 2019 г. откако беше ратификуван од двата парламенти.