Текстот на препораката за почеток на преговори е ист за двете земји, но кај Албанија потоа се наведени и дополнителни услови
Европската комисија денеска избра суптилен начин за да направи разлика меѓу С. Македонија и Албанија, двете земји-кандидатки кои очекуваат скорешно отворање на пристапните преговори со ЕУ. Во Стратегијата за проширување , ЕК користи иста реченица со која сугерира старт на пристапните преговори за двете земји. И за С. Македонија и за Албанија, во документот пишува:
„Во светлината на постигнатиот значаен напредок и на исполнувањето на условите едногласно одредени од Советот на ЕУ во јуни 2018 година, Комисијата препорачува Советот сега да отвори пристапни преговори со С. Македонија (Албанија).“
Сепак, во пасусот од документот во кој е содржана препораката, кај Албанија има две дополнителни реченици во кои се наведува дека оваа земја треба да продолжи со градење солидно досие во борбата против корупцијата на сите нивоа и во борбата против организираниот криминал. Исто така, ЕК констатира дека за Албанија неопходен е посилен национален консензус за ЕУ-интеграцијата преку надминување на актуелната поларизација и демонстрирање политичка волја преку партиските поделби.

За Македонија вакви или слични дополнителни услови не се наведени.

Еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан потврдија дека има разлика во речникот за Албанија и за С. Македонија, но повторија дека препораката е јасна за двете земји.
„Има дополнителни забелешки (за Албанија), но не и услови“, одговори Хан на новинарско прашање (види видео).
Нијансирањето на текстот на препораките, би можело да им ја олесни одлуката на земјите-членки на ЕУ. Познато е дека Франција и Холандија тешко би поддржале почеток на преговори со Албанија оваа година. Сепак, има група земји во ЕУ во кои предводи Италија, со поддршка од Унгарија и Бугарија, кои бараат одлука за почеток на преговори за двете балкански земји во пакет.
За клучен се смета ставот на Германија од каде засега доаѓаат мешани пораки: еден дел од владата и Бундестагот е за отворање преговори само со Македонија во јуни или јули, а друг дел од власта во Берлин смета дека треба да и се даде шанса и на Албанија и одлуката за двете земји да се одложи за на есен.