Европската Унија се соочува со момент на вистината, време кога мора да покаже солидарност и да застане зад погодените земји, порачува францускиот претседател Емануел Макрон, коментирајќи ја корона-кризата во интервју за „Фајненшл Тајмс“.
Макрон предупредува дека доколку не се спроведе заедничка стратегија за намалување на економските последици од ковид-19, „популистите ќе победат“, а на Унијата и се заканува распад.
„Дојде моментот кога ќе треба да одлучиме дали Европската Унија е политички проект или е маркетинг-проект“,
вели Макрон.
Францускиот претседател смета дека ЕУ нема друг избор, освен да се формира фонд за заедничко задолжување, со заедничка гаранција, со цел да се финансираат земјите членки според нивните потреби, а не според големината на земјата.
„Ако не го сториме ова денес, ви кажувам дека ќе победат истите популисти – денес, утре, задутре, и во Италија, и во Франција и на другите места“,
истакна Макрон.
Тој додава дека доколку ЕУ не ги поддржи земјите кои се најпогодени од кризата, ќе порасне евроскептицизмот.
„Многу е логично дека луѓето ќе си речат: Ако ЕУ не ве штити за време на кризата, нема ни после тоа. Кога ќе дојдат мигранти, ни велат да ги примаме во земјата, а во време на криза, ни велат да се снаоѓаме сами“,
вели Макрон.
Инаку, минатата недела земјите членки се согласија да издвојат 500 милијарди евра за помош на погодените земји од ковид-19 во намалување на економските последици. Но, се уште нема конкретен договор за тоа како ќе се обезбеди дополнителен фонд за справување со последиците од пандемијата.