Пациентите со ковид-19 кои добиле третман со експерименталниот лек ремдесивир оздравуваат брзо, објавува Статњуз, а пренесе Си-ен-ен.
Овој лек им бил аплициран на пациенти со коронавирус кои имале температура и посериозни респираторни симптоми. Лекувањето се одвива во болница во рамките на универзитетот во Чикаго. Со третманот со ремдесивир, пациентите ја напуштаат болницата за помалку од една недела.
Д-р Кетлин Мулејн, специјалист за инфективни, болести за Си-ен-ен вели дека опширен коментар за ова ќе даде откако ќе ги добијат официјалните резултати од спроведеното лекување.
Како што објавува Статњуз, д-р Мулејн вели дека пациентите оздравуваат и за шест дена, што може да значи дека за оваа терапија нема да бидат потребни десет дена.
Досега во светот не постои одобрена терапија за лекување на ковид-19, но американскиот Национален здравствен институт прави експериментални тестирања со неколку лекови, меѓу кои и ремдесивир.
Според претходни искуства, овој лек изработен од „Gilead Sciences“, бил тестиран и за лекувањето од ебола, но не се покажал како успешен. Сега овој лек покажува дека може да биде корисен во борбата против ковид-19, САРС и МЕРС.
Уште во февруари Светската здравствена организација рече дека ремдесивир се покажува како потенцијален лек против ковид-19.
Испитувањето на лекот се одвива и во други клинички центри. „Gilead Sciences“ обезбеди тестирања од овој лек за 2 400 пациенти со сериозни симптоми на ковид-19 во 152 пробни места низ целиот свет. Исто така, го тестира лекот кај 1 600 пациенти со умерени симптоми во 169 болници и клинички центри ширум светот. Резултати од овие пробни тестирања се очекуваат на крајот од овој месец.
„Ја разбираме итноста и потребата за лек за ковид-19. Но, потребна е целосна анализа на сите податоци кои ги имаме за да можеме да извлечеме заклучоци. Иако досегашните извештаи се охрабрувачки, не се доволни за ремдесивир да биде прогласен за лек против ковид-19“,
велат од компанијата.