Од Блупринт-групата предупредуваат дека доколку стапат во сила, измените во Кривичниот законик ќе предизвикаат непоправливи последици во борбата против организираниот криминал и корупција и ќе го декриминализираат високиот криминал кој во последниве две децении го сториле високи функционери
Додават дека и овој пат, и покрај забелешките од Европската комисија, е злоупотребено европското знаменце, а оти спорните измени во КЗ не се предвидени со европското право
Покрај Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, денеска и Блупринт-групата за реформи во правосудството соопшти дека од претседателот Стево Пендаровски побарала да не става потпис на указот со кој официјално во сила ќе стапат измените од Кривичниот законик, кои вчера ги усвои Собранието.
„Полагаме надеж дека ќе ги ефектуирате Вашите изјави и залагања за неопходноста на искоренување и прекинување на културата на неказнивост на високи функционери, како и практично оспособување за справување со тешки облици на организиран криминал и корупција“,
се наведува, меѓу другото, во барањето кое Блупринт-групата го испратила до претседателот Пендаровски.
Од Блупринт-групата предупредуваат дека доколку стапат во сила, измените во Кривичниот законик ќе предизвикаат непоправливи последици во борбата против организираниот криминал и корупција и ќе го декриминализираат високиот криминал кој во последниве две децении го сториле високи функционери.
Додаваат дека и содржината и постапката во која се донесени измените се во целосна спротивност со владеењето на правото. Во оваа насока, посочуваат дека Владата уште во самото предложување на измените постапила целосно нетранспарентно и неетично, а оти целиот процес се одвивал без анализа и стручна дебата и со целосно заобиколување на работната група која во рамките на Министерството за правда работи на нов Кривичен законик.
„Дополнително, предлогот на новиот Кривичен законик беше објавен на ЕНЕР во 2022 година, а овие измени во однос на овие три кривични дела не беа предвидени. Дебата со стручни лица немаше, ниту, пак, во образложението за потребата од измена на законот е образложено зошто се намалуваат казните за споменатите кривични дела“,
додаваат од Блупринт-групата.
Од организацијата додават дека и овој пат, и покрај забелешките од Европската комисија (ЕК), е злоупотребено европското знаменце, а оти спорните измени во КЗ не се предвидени со европското право ниту, пак, казнената политика и висината на казните оправдува носење закони во ваква постапка.
„Потсетуваме дека и во 2018 година во постапка за усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција беше извршено намалување на казните за определени кривични дела, со што се овозможи во дел од предметите иницирани од СЈО да се изречат помали казни, вклучително и условни осуди, како на пример во предметот ‘Труст’. Дел од граѓанските организации и во тој период јавно реагираа и бараа предлогот да биде повлечен од собраниска процедура, меѓутоа тоа не се случи, а веднаш по донесувањето на конкретните измени истите имаа веќе ефективно влијание во гореспоменатиот предмет“,
се додава во соопштението на Блупринт-групата.
Последиците од усвојувањето на измените во КЗ ќе бидат особено погубни за борбата против криминалот и корупцијата, велат од Блупринт-групата и посочуваат дека тие неспорно ќе имаат влијание врз судбината на судските постапки иницирани од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) – „Титаник“, „Таргет Тврдина“, „ТНТ“, „Титаник 2“, „Трезор“, „Талир“, „Шпански скали“ и „Траекторија“, кај кои ќе настапи апсолутна застареност.
„Уставот на РСМ иако забранува ретроактивна примена на прописи, прави исклучок доколку подоцнежниот пропис е поповолен за граѓаните. Идентично уредува и Кривичниот законик во членот 3. Со други зборови, лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност. Со оваа политика ќе се зголеми недовербата на граѓаните бидејки ефектот од истата е уште поголема неказнивост на сторителите на кривичните дела кои засегаат во сферата на јавниот интерес“,
посочуваат од организацијата.
Последно, но и не помалку важно, додаваат оттаму, ако овие измени влезат во сила, дискутабилно е дали во иднина ќе може да се постигне во прв план специјалната, а потоа и генералната превенција, дотолку повеќе што остварувањето на превентивната цел со казнувањето, било да станува збор за едниот или другиот вид на превенција, првенствено зависи од видот и висината на пропишаната казна, односно нејзината пропорционалност со тежината на стореното кривично дело.