Како нови точки на дневен ред на 125. седница беа изгласани предлогот на пратеникот Миле Лефков да се разгледа конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за состојбите на Клиниката за онкологија во 2021 година и предлогот на неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за формирање анкетна комисија за скандалот на Онкологија која, како што рече пратеникот, треба да „утврди политичка одговорност на здравствените и владините функционери кои биле дел од овој скандал“. Предлогот на Милошоски беше усвоен со 78 гласа „за“ од исто толку пратеници кои гласаа и ниту еден „против“ или „воздржан“
Последните случувања на Клиниката за онкологија во Скопје, каде што медиумите открија дека се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал физиолошки раствор, очекувано доминираа на денешната седница на Собранието, прва по летните одмори на пратениците, ако се изземе онаа на 18 август за уставните измени.

Ова прашање, кое изминативе денови предизвика лавина реакции, доведе и до промена на дневниот ред со нови точки поврзани со скандалот, а на иницијатива и на барање на пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Така, како нови точки на дневен ред на 125. седница беа изгласани предлогот на пратеникот Миле Лефков да се разгледа конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за состојбите на Клиниката за онкологија во 2021 година, како и предлогот на неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за формирање анкетна комисија за скандалот на Онкологија која, како што рече пратеникот, „треба да утврди политичка одговорност на здравствените и владините функционери кои што биле дел од овој скандал“.
Предлогот на Милошоски беше усвоен со 78 гласа „за“ од исто толку пратеници кои гласаа и ниту еден „против“ или „воздржан“.
Скандалот со Клиниката за онкологија ја отвори денешната седница, со процедуралното обраќање на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, која рече дека единствена точка по која би требало да се расправа на денешната седница е токму овој морбиден случај.
„Најпрво дозволете да изразам сочувство до сите семејства во Македонија чии членови изминатиов период се лекувале или починале од несоодветна терапија поради лукративни или морбидни вработени на Клиниката за онкологија, чест на исклучоците. Исто така, сакам да изразам и жалење што денес е прв работен ден на ова Собрание после овој исклучително голем и морбиден скандал, а ние, како што гледате и сведочите, го започнуваме со една нова седница на која нема ниту една точка по однос на овој скандал. Да имавме луѓе со морал, чест и доблест уште во саботата вечер ние овде ќе расправавме за оставка на Владата. Да имавме претседател со чест и доблест, уште во саботата ќе дојдеше овде да ни се обрати нам, на пратениците, конечно да имавме колеги од владејачко мнозинство со чест и со доблест денес сите заеднички ќе се сложевме да расправаме по една друга пленарна седница со единствена точка на дневен ред, а тоа е она што на сите нам ни се случува со болните од рак на Клиниката за онкологија. За жал, ништо од ова не се случува, проблемите само се напластуваат, се тргаат настрана и, како што можете да сведочите, ниту еден проблем не може да се реши ако вака се однесувате и го тргате настрана“,
рече Стојановска.

По дебата за седницата за уставните измени и размената на аргументи меѓу опозицијата и претседателот на Собранието Талат Џафери за тоа дали постапил деловнички и ја прекинал седницата пред да се гласа за потребата измена на Уставот, фокусот на скандалот со Онкологија го врати пратеникот Миле Лефков.
„Целата јавност е згрозена од скандалозните случувања на скопската Клиника за онкологија и радиотерапија, згрозена е од начинот на кој пациентите се борат да дојдат до својот лек, згрозена од начинот како се крадат цитостатици, згрозена е од неодговорноста на Владата и целата направена шема која години наназад функционирала во болницата, а безмилосно удира по грбот на пациентите“,
рече Лефков.
Како клучно што треба да се напомене пратеникот го посочи извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од ревизијата извршена на Клиниката за онкологија во 2022 година. Конечниот извештај на ДЗР, посочи Лефков, е објавен во март 2023 година во кој, цитирајќи делови од него, рече оти пишува дека имало набавка на лекови на реверс без формирана цена, пречекорување на буџетот, неплатени долгови, пропусти при набавка на биолошка терапија, лошо планирање на системот на приклучување на пациенти. Ова, како што рече Лефков, се само дел од забелешките на ДЗР.
„Клучни забелешки има за начинот на набавка на биолошка терапија, освен тоа се делела само со одлука на докторите без медицински протоколи и без стручен колегиум поради што пациентите биле во опасност да остана без терапијата со која се лекувале. Самото непостапување по ревизорскиот извештај носи директна одговорност за Владата. Еве ги ревизорските извештаи кои се резултат на извршена ревизија на Клиниката за онкологија“,
рече Лефков од собраниската говорница.
Откако ги наведе забелешките, обраќајќи се во името на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тој го изнесе предлогот за итно дополнување на дневниот ред со точка за разгледување на извештајот на ДЗР.
„Заради остварување на одговорноста кон граѓаните, заради остварување на одговорната функција на Собранието, заради отпочнување транспарентна и јавна постапка за дознавање на вистината за грозоморните случувања на Клиниката за онкологија, предлагаме итно дополнување на дневниот ред со точка: Разгледување на конечниот извештај за извршена ревизија за усогласеност за 2021 година за Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. Иако пред да гласаме сакам уште една опомена, се навикнавме на еднострано толкување овде во Собранието затоа опоменувам, ако спикерот г. Џафери има намера да дава изговори поврзани со материјалите, сакам да ве известам, согласно Законот за државна ревизија, извештаите се доставени во Собрание и да ве известам дека имаме меморандумот кој е потпишан меѓу Собранието и Државниот завод за ревизија“,
рече Лефков.

Претседателот на Собранието предлогот веднаш го стави на гласање и од вкупно 69 пратеници кои гласаа, „за“ се изјаснија 55, „против“ беа 13, а еден пратеник беше воздржан.
Откако Џафери констатира дека предлогот е усвоен, рече дека тој се додава како 20., односно претпоследна точка на дневниот ред на 125. Седница.
На одлуката на собранискиот спикер, разгледувањето на извештајот на ДЗР да се разгледува како претпоследна точка на дневен ред, реагираше Антонио Милошоски, кој се јави за збор и го изнесе вториот предлогот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за формирање анкетна комисија.
„Очигледно е дека за претседателот на Собранието она што е итно за целата јавност за него е точка која треба да биде разгледувана како претпоследна и кој знае кога ќе биде разгледувана, со оглед на динамиката со која работи Собранието и оваа неефикасност. Но, за да се коригираме во овој дел, а согласно Деловникот, предлагам како група пратеници, 20 сме потпишани, предлагаме формирање анкетна комисија за скандалот што се случи на Онкологија. Оваа анкетна комисија ја бараме согласно членот 118 став 3 од Деловникот на Собранието каде што Собранието со одлука може да основа анкетни комисии за секое прашање од јавен интерес. Во изминативе неколку дена нема поголемо прашање од јавен интерес за тоа кој ја сноси политичката одговорност за морбидниот профит за тоа што некој го правел на Онкологија со знаење на раководството и на владини функционери, а на сметка на здравјето и животите на пациентите“,
рече Милошоски.
Тој предложи точката за основање анкетна комисија да биде прва на дневен ред на седницата.
„Ова е итна потреба. Ако некому ова му е точка која треба да биде претпоследна, сметам дека за јавноста овој скандал е точка која треба да биде прва разгледувана. И затоа предлагам оваа точка за основање анкетна комисија за скандалот со морбидното профитерство на Клиниката за онкологија да биде прва точка на дневен ред. Предлагаме анкетната комисија за скандалот на Онкологија да утврди политичка одговорност на здравствените и владините функционери кои биле дел од овој скандал и второ оваа комисија би броела 13 члена кои би биле распоредени соодветно“,
рече Милошоски.

По обраќањето на Милошоски, претседателот на Собранието рече дека прво материјалот не бил доставен навреме, но дека ја разбира опозицијата која, како што кажа, сака од секоја несреќа да си прави дневна политика, што наиде на реакции од опозициските пратеници.
„И покрај тоа што материјалот не сте го доставиле навреме, тој не е дистрибуиран до пратениците, јас ќе го ставам вашиот предлогот на гласање без гајле, после тоа пак ќе излезете ќе кажете дека го прекршив Деловникот затоа што не ви е доставен материјалот“,
рече Џафери и го стави предлогот на гласање.
Од вкупно 78 пратеници кои гласаа, сите се изјаснија „за“ предлогот, а ниту еден не беше „против“ или „воздржан“.
„Констатирам дека предлогот на пратеникот Антонио Милошоски да се додаде точка на дневен ред материјалот кој уште не е поделен на пратениците, како што е формулиран од предлагачот и така да се разгледува, како прва точка на дневниот ред. Материјалот ќе го добиете соодветно“,
рече Џафери.
Двочасовниот протест почна во 18 часот пред зградата на Владата, каде што демонстрантите со транспаренти, свирежи и извикувања бараа правда за жртвите на Онкологија.
По обелоденувањето на скандалот на Клиниката за онкологија од страна на медиумите и предистражната постапка што ја отвори Основното јавно обвинителство Скопје, вчера во главниот град се одржа протест од кој беше поставен ултиматум до до властите за една недела да излезат со правда за случувањата на Онкологија.