Според Меџити, КАТО-системот за контрола на терапиите не бил фрлен во подрум, како што објавија некои медиуми, туку бил во првичната просторија, во склоп клиничката аптека и, како што рече, оваа соба е заклучена. Тој додаде дека се прават анализи дали овој систем да се врати во функција или да се воведе нов систем за контрола на терапија
Го разбирам гневот на граѓаните, особено кај оние директно погодените од канцерогени заболувања. Ќе направам сѐ што е во моја моќ овој случај да се расчисти, да се утврди и санкционира одговорноста за секој за кој ќе се докаже дека има удел во ова злосторство на Клиниката за онкологија и радиотерапија, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Фатмир Меџити.
„Тесно ќе соработуваме со надлежните институции. Транспарентноста кај мене е водечки принцип. Ќе создадам услови ова никогаш да не се повтори. За да се обезбеди темелна истрага, ќе бидеме транспарентни. Никој од здравствениот систем нема и не смее да се обиде да ги заштити престапниците. Ако некој се обиде да ја манипулира истрагата, дополнително ќе реагираме“,
изјави Меџити и ги повика сите здруженија за борба против карцином, поединци и групи кои имаат некакви информации да ги контактираат за да помогнат во истрагата.
Според Меџити, КАТО-системот за контрола на терапиите не бил фрлен во подрум, како што објавија некои медиуми, туку бил во првичната просторија, во склоп клиничката аптека и, како што рече, оваа соба е заклучена. Тој додаде дека се прават анализи дали овој систем да се врати во функција или да се воведе нов систем за контрола на терапија.
Министерот за здравство ги увери пациентите дека терапијата која во моментов се дава на Клиниката е соодветна и замоли да не се шират невистини.
„Сакам да ја информирам јавноста дека терапијата што сега се дава на Клиниката е соодветна и замолувам да не се шират невистини и да се шири омраза, со цел што побрзо решавање на случајот. Сакам да ве уверам дека нашиот фокус останува на безбедноста и транспарентноста во врска со пациентите. Не можеме да се мешаме во предистражните постапки. Пред шест месеци кога дојдов да бидам министер кажав дека сè ќе биде транспарентно и одговорно. Цело време сме во комуникација и еден или двајца лекари не одлучуваат за лековите за болните на Онкологија. Еднаш неделно има колегиум од стручен онколошки конзилиум составен од раководителите на 12 оддели кои одлучуваат кој да прима терапија. Не може да биде потранспарентно од ова, а за она што било пред мене не знам и не можам да кажам“,
изјави Меџити на прес-конференцијата на која присуствуваа и в.д. организациската директорка Виолета Клисаровска и в.д. економскиот директор Халид Матоши.