Скандалот со кражба на лекови на Онкологија не смее да помине неказнето. „Не прифаќаме одговорност од најнискиот ешалон во Онкологија – бараме кривична одговорност за владините функционери, пишува во повикот за протестот

Со наслов „Протест против организираните убиства на Онкологија“ за утре попладне преку социјалните мрежи се најавува протест откако медиумите пишуваа, а МВР и обвинителството потоа отворија предистрага за злоупотребите со лекови за болните од рак на Клиниката за онкологија, односно крадење на терапиите и нивно препродавање на црниот пазар.
Протестот се најавува на Фејсбук, имиња на организаторите не се наведени, а во делот како организатор на настанот е наведена фејсбук-страница со име „Протест против убиството на онкологија“ која на социјалните мрежи е активна од денеска.
Почетокот е закажан во 18 часот пред Владата, од каде што се предвидува демонстрантите да се упатат кон Министерството за здравство.
„Утре (понеделник) со почеток од 18 часот, ве повикуваме на протест пред Владата, каде заедно ќе го искажаме гневот и револтот против криминалот кој со години се толерирал на Клиниката за Онкологија. Протестот од Влада ќе продолжи пред Министерството за здравство каде ќе повикаме на оставка и ОДГОВОРНОСТ од сите министри за здравство! Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија кои со месеци во животозагрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години“,
пишува во повикот за протестот.
Скандалот со кражба на лекови на Онкологија, се порачува, не смее да помине неказнето.
„Не прифаќаме одговорност од најнискиот ешалон во Онкологија – бараме кривична одговорност за владините функционери:
1. Бараме одговорност од министрите Венко Филипче, Беким Сали и Фатмир Меџити;
2. Бараме одговорност од замениците-министри за здравство Илир Хасани и Маја Манолева;
3. Бараме одговорност од поранешната директора на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска;
4.Бараме одговорност од поранешниот организациски директор на Клиниката Нехат Нухи“,
пишува во повикот.
Неделникот „Фокус“ минатиот период објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката. Во системот, според пишувањата на неделникот, се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар.
По ваквите информации, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предистрага и во петокот попладне влезе во Клиниката. Вчера соопштија дека претреси биле направени и во два приватни стана во Скопје. а биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои понатаму ќе се анализираат и вештачат.
Премиерот Димитар Ковачевски, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева изразија целосна поддршка за истрагата. Во денешната изјава за медиумите, Ковачевски повика да не се прави сензационализам и рече дека ваквиот криминал е мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја прозива Владата и вели дека ваквиот криминал не бил можен без знаење на власта и раководството на Клиниката.
*Други поврзани вести:
- ОЈО Скопје и полицијата ја „тресат“ Клиниката за онкологија: Се прибираат докази во рамки на предистражна постапка
- Обвинителство: Одземени се компјутери и друга документација од Клиниката за онкологија и приватни станови во Скопје
- Меџити очекува брза истрага по наводите за злоупотреби на Клиниката за онкологија
- Бесрамен и криминален начин на заработка врз грбот на пациентите, вели заменик-министерката Манолева за случајот со Онкологија
- Лекарската комора за Онкологија: Ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за лична корист
- ВМРО-ДПМНЕ: Бизнисот со лекови на Онкологија бил возможен само со знаење на високи структури во клиниката и во власта
- Ковачевски за Онкологија: Ваквиот тип на криминал е мултипартиски и мултиетнички