„Имаме прибрано добри оперативни сознанија. Имаме неколку лица коишто се таргетирани. Во овој момент се прават детални испитувања и јас мислам дека за неколку дена ќе го имаме идентитетот на лицето“, изјави Спасовски за медиумите по означувњето на почетокот на кампањата на МВР „Кажи ‘не’ на дрогата, ‘да’ на животот“ во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека за неколку дена полицијата ќе го има идентитетот на лицето кое го вееше знамето со „голема Албанија“ во Тетово за време на пречекот на косовскиот премиер Албин Курти.

Спасовски, одговарајќи на прашања, рече дека Министерството за внатрешни работи има прибрано оперативни сознанија и дека се таргетирани неколку лица.
„Имаме прибрано добри оперативни сознанија. Имаме неколку лица коишто се таргетирани. Во овој момент се прават детални испитувања и јас мислам дека за неколку дена ќе го имаме идентитетот на лицето“,
изјави Спасовски за медиумите по означувњето на почетокот на кампањата на МВР „Кажи ‘не’ на дрогата, ‘да’ на животот“ во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.
Прашан дали лицето е од Косово или од земјава, министерот за внатрешни работи рече дека сите информации ќе бидат споделени кога ќе заврши истрагата.
„Кога ќе дојде моментот, ќе ги добиете сите информации. Истрагите не се водат преку медиуми. Тие се водат во институции, а вие (медиумите) ќе добиете информација потоа“,
рече Спасовски.
Инаку, на 18 август, седум дена по настанот во Тетово, Министерството за внатрешни работи објави фотографија од лицето што го веело знамето со „голема Албанија“ за време на концертот што на 11 август беше организиран во чест на посетата на косовскиот премиер.
Полицијата повика – ако некој го забележи или има информации за лицето, веднаш да извести во најблиската полициска станица.
На настанот во Тетово не беше истакнато националното знаме на државата, а не беше интонирана ниту државната химна. Поради тоа, градоначалникот Билал Касами неколку дена подоцна доби две прекршочни пријави поради непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер, а објави и дека до Општината стигнала покана од Основниот суд во Тетово за присуство на рочиште поради сторен прекршок при пречекот на Курти.
Во делот каде што се објаснуваат причините поради кои Судот во Тетово ја поведува постапката, наведено е дека при пречекот на Курти, Општината не постапила согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РСМ, односно не ја интонирале државната химна и не го истакнале националното знаме на државата.
Знаме со картата на т.н. „голема Албанија“ во Тетово се вееше и пред точно една недела, за време на промоција на новоасфалтирана улица во градот од страна на градоначалникот на Тетово, Билал Касами.