Министерката Жоли на средбата порачала дека Канада високо го цени учеството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мултинационалните сили на НАТО во Латвија и дека тие се значаен дел од колективната безбедност на Алијансата и сигурноста на сите земји членки

Македонско-канадската одбранбена соработка, како и посветеноста на двете земји во зацврстувањето на колективната безбедност на НАТО, преку учество во мултинационалните сили на Алијансата на источното крило се темите на кои денеска разговарала министерката за одбрана Славјанка Петровска со канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли.
Двете министерки, како што информираат од Министерството за одбрана, заклучиле дека Северна Македонија и Канада покажале заедништво во зацврстувањето на безбедноста на источното крило на НАТО, а Канада иако не е членка на ЕУ, цврсто е уверена дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија, како единствен начин за зацврстување на стабилноста, напредокот и за понатамошен развој на трансатлантската соработка.
„Руската агресија врз Украина и целосното непочитување на воспоставениот меѓународен правен поредок ни покажа дека мораме постојано да бидеме будни и посветени на одбраната на нашите вредности – нашата демократија, слобода и сувереност. Благодарност до нашите канадски сојузници под чие водство припадниците на македонската Армија и останатите сојузници во рамките на мултинационалните сили на НАТО во Латвија, ја зацврстуваат безбедноста на сите членки на НАТО“,
вели Петровска.
Министерката Жоли на средбата порачала дека Канада високо го цени учеството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мултинационалните сили на НАТО во Латвија и дека тие се значаен дел од колективната безбедност на Алијансата и сигурноста на сите земји-членки.
Жоли, додаваат од Министерството за одбрана, и пред Петровска потенцирала дека Канада иако не е членка на ЕУ, цврсто е уверена дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија, како единствен начин за зацврстување на стабилноста, напредокот и за понатамошен развој на трансатлантската соработка.
На средбата министерката Петровска го изнела ставот дека уставните измени неодложно треба да се донесат бидејќи претставуваат потврда на мултикултурализмот во земјата, што било поздравено и поддржано од канадската министерка Жоли.
„Поддршката за уставните измени не значи гласање за или против Владата, туку значи поддршка за Македонија“,
рекла Петровска се додава во соопштението.
Претходно канадската министерка за надворешни работи Мелани Жоли, која е во официјална посета на Скопје имаше средба со нејзиниот домаќин, министерот Бујар Османи. На средбата Жоли рече дека Канада цврсто верува дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија и оти државата може да смета на поддршката и ги охрабри македонските власти да продолжат во напорите за пристапување кон Европската Унија.
