Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп објави дека очекува да биде уапсен во Атланта, Џорџија, околу 19:30 часот по локално време
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп подоцна вечерва (околу 19 часот по локално време) се очекува да се предаде на затворот во Атланта, Џорџија, откако беше обвинет дека се обидел да ги промени резултатите од претседателските избори во 2020 година во оваа сојузна држава.

Поради истите обвинувања, претходно се предаде поранешниот адвокат на Трамп и ексградоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани, а денеска се предаде и поранешниот шеф на кабинетот на Трамп, Марк Медоус.
Тие двајца, заедно со Трамп и уште 16 други лица се обвинети за вкупно 41 кривично дело поврзани со напорите да се смени поразот на Трамп на претседателските избори во 2020 година.
Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп објави дека очекува да биде уапсен околу 19:30 часот.
Трамп е првиот поранешен претседател на САД кој се соочи со кривична пријава. Обвинет во четири различни случаи – и сето тоа се случува додека тој продолжува да води во анкетите како потенцијален старо-нов републикански кандидат во трката за претседателска номинација во 2024 година.
Во сите случаи, тој се изјасни за невин.