Кампањата на владата „Ние сме Европа“ која вчера ја најави вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, Мицкоски ја оцени како плагијат
Важно е секој кој доаѓа во нашата држава, без разлика од каде доаѓа, да има добра намера. Секоја добра намера за нас е добредојдена, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со посетата на американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар.
„Важно е секој кој доаѓа во нашата држава, без разлика од каде доаѓа, да има добра намера. Кога зборувам за добрата намера, зборувам за аргументите кои што очекуваме да ги слушнеме, а очекуваме другата страна да ги слушне и нашите аргументи. Она што е важно и што треба секој да го знае е дека Владата на ДУИ и СДСМ го изгуби кредибилитетот и таа е единствената пречка за интеграција на Македонија во ЕУ. Колку побргу ова го сфатат, толку побргу ќе се придвижат работите напред. Брзи парламентарни избори се единственото решение ако сакаме да се движиме напред. Се останато е дополнително тапкање во место“,
рече Мицкоски кој денеска изврши увид во градежните активности на изградба на спортски терен во населба Ченто.
Кампањата на владата „Ние сме Европа“ која вчера ја најави вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, Мицкоски ја оцени како плагијат.
„Нема ништо оригинално кај Владата на ДУИ и СДСМ. Најмалку овие политички измамници, криминалци имаат право да се повикуваат на Европа, бидејќи тие се срамот за Европа. Се додека овие луѓе се претставуваат себе си како промотори на европските вредности, за жал и кредибилитетот на самата Европа во очите на граѓаните ќе опаѓа“,
рече Мицкоски.
Овде, додаде тој, и европските дипломати имаат можност да интервенираат кај Владата да не ја злоупотребува Европа, „бидејќи европска вредност не се чекорите на Владата да потпишува на слепо секакво национално предавство, туку европска вредност е квалитетно образование, здравство, силна економија и слично“.
Мицкоски укажа дека се што Владата прави нема врска со европска вредност.
„Не е европска вредност да клекнете во Софија и да потпишете договор или протокол со кој национално ќе го обезличите народот и да се претставувате како европски политичари. Тоа е предавство и за тоа предавство историјата ќе суди“,
заклучи Мицкоски.