Прашан дали се обиделе да стапат во контакт со претставници на опозицијата по собраниската седница во петокот, вицепремиерот кажа дека нема информации за ова прашање, но додаде дека можноста за дијалог останува секогаш отворена доколку предлозите на опозицијата доведат до двотретинска поддршка во парламентот
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ стравува оти ВМРО-ДПМНЕ не планира да ги поддржи и да гласа за уставните измени ниту сега ниту по одржувањето на парламентарните избори.
„Опозицијата само купува повеќе време и испраќа пораки преку кои се оправдува за блокирањето на процесот за членство и нема намера ниту сега ниту по избори да гласа за уставни измени“,
изјави Маричиќ одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација на кампањата „Ние сме Европа“.

Според него, предвремените избори на кои повикува опозицијата нема да променат ништо по однос на ова прашање бидејќи, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ може да го искористи ова како доминантно во својата во кампања за потоа да биде изговор оти не може да гласа за уставните измени бидејќи е ветено во кампањата.
„И потоа да влеземе во една заблуда дека е возможно да добиеме подобар договор и да чекаме уште десет години. Заблудите на одредени политички партии или презентирање на некакви заблуди за чекање на некои подобри шанси не чинеле скапо во минатото и скапо ќе не чинат сега“,
рече Маричиќ.
Прашан дали се обиделе да стапат во контакт со претставници на опозицијата по собраниската седница во петокот, вицепремиерот кажа дека нема информации по ова прашање, но додаде дека можноста за дијалог останува секогаш отворена доколку предлозите на опозицијата доведат до двотретинска поддршка во парламентот.
„Ние секогаш ќе останеме отворени за дијалог дури и за оние идеи што ги отвора опозицијата околу тоа да се бараат некои дополнителни гаранции. Ние веќе имаме гаранции во преговарачката рамка дека нема да има нови услови, но ако ни е потребна политичка позиција на Унијата ние сме подготвени и за тоа да разговараме, да видиме што е тоа што треба да го добиеме за опозицијата да се обврзе да гласа, Меѓутоа, ако тоа се навистина сериозни предлози коишто ќе не доведат до двотретинска поддршка, а не доколку се предлози за купување време или бесцелно и бескрајно одлагање на одлуката“,
додаде вицепремиерот.
Говорејќи во оваа насока, Маричиќ кажа дека постојат два начина како да се дојде до уставни измени. Првиот начин, рече вицепремиерот, е ВМРО-ДПМНЕ да одлучи да даде поддршка под одредени услови за кои беше разговарано пред два месеци на лидерската, а вториот е дел од пратениците да одлучат да гласаат.
Претходно денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека за уставните измени се разговара со секој пратеник бидејќи, како што кажа, никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на граѓаните. Нагласи дека и во наредниот период ќе продолжат низ дијалог и политичка активност да бараат начин за да бидат донесени уставните измени.