Операторите не само што „замижуваат“ туку преку месечните сметки на интернет-страниците, кои ги нудат услугите, им овозможуваат платформа за наплата на игрите и на другите услуги што често никој не ги барал
Корисници плаќаат високи сметки на најголемите мобилни оператори откако биле наведени да се претплатат на интернет-страници за видеоигри, хороскопи или на слични услуги, пишува „Призма“.

Истражувачката сторија почнува со непријатното искуство на пензионерот од Скопје, Љубомир Ацков, кој со години плаќал сметка за мобилен од 599 денари, одамна го одбрал пакетот на услуги и не менувал ништо.
Тој се шокирал кога во април му дошло да плати речиси тројно повеќе, 1 700 денари бидејќи бил уверен дека не троши повеќе од вообичаеното.
„Платете, па поднесете приговор“,
му рекле во салонот на Македонски телеком, ама немало фајде зашто не му ги вратиле парите по овој приговор.
Таму, сепак, му објасниле дека се претплатил на интернет-страница за видеоигри наречена „Планет гејмс“. Му рекле дека добил порака со покана да ги користи игрите, која ја прифатил и страницата почнала да му наплаќа.
„Не сум добил и не сум пратил порака“,
дециден е Ацков.
Тој е еден корисниците на најголемите оператори во државава, кои за БИРН сведочат дека им стигнале неколкупати повисоки сметки и на нивно изненадување операторите им објасниле дека се претплатиле на видеоигри, хороскоп или на слични услуги.
Непријатни искуства имале и корисници во Србија и во Бугарија.
Операторите инсистираат дека не прават ништо погрешно. Сепак, истражувањето на БИРН покажува дека станува збор за забавни интернет-страници водени од приватни фирми што се наметнуваат на начин на кој лесно може да ги доведат во заблуда невнимателните или повозрасните.
Македонски телеком , А1 Македонија и операторите во регионот, не само што замижуваат на тоа, туку на фирмите, преку месечните сметки им овозможуваат платформа преку која ги наплаќаат игрите и другите услуги што често никој не ги ни барал.
Целиот текст на „Призма“ може да го прочитате ТУКА.