Секој политички субјект во државата, кој е претставен во Собранието преку пратеници, да се посвети на деблокирање на овој процес и што поскоро започнување на преговорите за членство во Европската Унија како единствена опција за иднина на граѓаните, велат од Европска демократска партија

Доколку не се изгласаат уставните измени, Северна Македонија станува лесна мета на сите антиевропски агенди кои се обидуваат државата и граѓаните да ги задржат изолирани од целиот прозападен свет и од демократските и развојните процеси што ги нуди Европската Унија, сметаат од новоформираната Европска демократска партија на Аријанит Хоџа.
„Се наметнува што поголемо обединување на проевропските сили во земјава како единствен механизам кој ќе се спротивстави на политиките кои сакаат да ја изолираат земјата и европската иднина. Затоа, апелираме секој политички субјект во државата кој е претставен во Собранието преку пратеници да се посвети на деблокирање на овој процес и што поскоро започнување на преговорите за членство во Европската Унија како единствена опција за иднина на граѓаните“,
се наведува во партиското соопштение испратено денеска пред почетокот на пленарната седница на која на дневен ред се уставните измени.
Од Европска демократска партија велат дека уставните измени кои се дел од Преговарачката рамка со Европската Унија се главниот чекор што ги отвора вратите за интеграција на земјата во Европската Унија.
„Не треба да се изгубат шансите што ни ги пружаат меѓународните партнери, затоа ги повикуваме сите политички фактори во овие историски моменти да излезат надвор од рамките на партиските анкети и да размислуваат за иднината на граѓаните, генерации зад нас, како и за државата“,
додаваат од Европска демократска партија.
Европска демократска партија е новата партија на македонската политичка сцена чиј лидер е доскорешниот заменик-претседател на Движењето Беса, Аријанит Хоџа.
Хоџа, уште на основачкото собрание на партијата пред една недела, рече дека новата партија ќе дејствува конструктивно во Собранието, а првата битка се уставните измени.