Овој сталинистички метод на информативни разговори, кој во времето на комунистичка Југославија најмногу го чувствуваа Албанците, покажува дека рецидивите од минатото сè уште се консумираат кај нас, смета лидерот на Демократскo движење, Изет Меџити. Тој се стави во одбрана на градоначалниците на Тетово и Чаир кои добија прекршочни пријави за непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер Албин Курти

фото: фејсбук-профил на Биљал Касами
Лидерот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити, смета дека прекршочните пријави за градоначалниците на Чаир и на Тетово се сталинистички метод.
„Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и тетовскиот Билал Касами, беа поканети од полицијата на информативни разговори, а единствена причина беше премиерот на Косово, Албин Курти, во Скопје и во Тетово. Овој сталинистички метод на информативни разговори, кој во времето на комунистичка Југославија најмногу го чувствуваа Албанците, покажува дека рецидивите од минатото сè уште се консумираат кај нас, но овој пат и кај некои Албанци кои моќта ја сфаќаа како таткова градина“,
напиша Меџити.
Тој, за потегот на Министерството за внатрешни работи вели дека е под влијание и притисок на српската антиалбанска политика.
„Сето тоа е направено под влијание и притисок на српската антиалбанска политика на која Албин Курти и стана трн во око. Но, оваа ситуација докажува дека не згрешивме што го ставивме името на Адам Демачи на една од улиците на главниот град, бидејќи денес повеќе од кога било ни е потребен неговиот дух на отпор“,
смета тој.
Инаку, денеска полицијата им поднесе прекршочни пријави на општините Тетово и Чаир и на нивните градоначалници Биљал Касами и Висар Ганиу. Пријавите се за непочитување на државните симболи при посетата на косовскиот премиер Албин Курти.
Во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава. Во Општина Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаат чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово.