На протестот беше посочено дека во земјава има 336 000 пензионери и дека за секој од нив се потребни 42 000 денари на годишно ниво за линеарно покачување на пензиите

Усогласување на пензиите согласно објавените податоци од Државниот завод за статистика во ноември 2021 година, линеарно зголемување од 3 500 денари на основицата на пензијата и минималната пензија да биде 18 000 денари, како и веднаш да се укине Сојузот на здруженија на пензионери. Ова го побараа од Иницијативниот одбор на пензионерите што денеска протестираа пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Претставници на пензионерите се примени во МТСП и во моментов се на средба.
Како што истакнаа на протестот, Сојузот не ги застапува интересите на пензионерите и затоа побараа да се укине членарината од 30 денари, а средствата за солидарен погреб од 150 денари месечно, наместо во Сојузот, да се плаќаат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Побараа и двојно да се зголеми надоместокот за туѓа нега, да се зголеми надоместокот за социјална помош на лица кои останале без работа сѐ до остварување на правото на пензија, поведување иницијатива за промена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и утврдување на најниска пензија согласно просечната плата и животните трошоци. Покрај тоа, побараа на позитивна листа да се внесат лековите за срцево болните, за дијабетичарите и за луѓето со ретки болести.
На протестот беше посочено дека во земјава има 336 000 пензионери и дека за секој од нив се потребни 42 000 денари на годишно ниво за линеарно покачување на пензиите.
Протестот во Скопје, на кој има пензионери од сите краишта во земјава, почна пред Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија со барање за оставка од претседателката, по што се упатија кон Министерството за труд и социјална политика за да побараат средба со министерката Јованка Тренчевска.
„Министерката нека види и нека чуе дека овие луѓе не се дојдени бидејќи им е убаво, туку дека им е лошо. Вие, министерке, сте дојдена овде да се грижите за пензионерите. Вам не ви е лошо со плата зголемена за 78%. И, се разбира, ситиот не му верува на гладниот. Пензионери не можеа да дојдат овде бидејќи немаат пари. Министерке, засукајте ги ракавите и работете и изработете го она што ние го бараме“,
рече Драган Угриновски, член на Иницијативниот одбор.
Изминатиот период, пензионерите протестираа во своите градови изразувајќи незадоволство од процентуалното зголемување на пензиите.
Минатата година беше донесена нова методологија за пресметка на пензиите согласно која сега во септември пензиите треба да се зголемат за шест проценти.
Од владејачкиот СДСМ вчера изјавија дека изградиле системско решение за фер и праведно зголемување на пензиите потенцирајќи дека за шест години просечната пензија е зголемена за 40 отсто.
„Никогаш повеќе зголемувањето на пензиите нема да зависи од нечија политичка волја, туку тоа ќе се одвива на секои шест месеци како збир од проценти од официјални статистички податоци. Никој не треба и не смее да манипулира со пензионерите, нашите највозрасни сограѓани кои ја граделе оваа држава треба да имаат услови за достоинствен живот, а ние како Влада и парламентарно мнозинство тоа им го овозможуваме“,
велат од СДСМ.