Пред сите нас е историска шанса за продолжување на европскиот пат со глас за Европа во македонското Собрание. Сега треба да се направи чекор напред и да се донесе одлука која води кон побрзо членство во ЕУ, велат од Либерално-демократската партија
Остануваме на патот за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, но со силни заложби за владеење нa правото и реформа на правосудниот систем, а визијата за европска држава, рамо до рамо со големите државотворни европски народи е нашата голема идеја и дел од нашата платформа, велат од Либерално-демократската партија откако денеска беше објавен Манифест во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ.
„Сега е вистинско време за обединување на сите политички лидери и оставање на партиските интереси на сметка на државните. Потпишавме заеднички Манифест со кој сите заедно се обврзуваме на ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ, воедно сите лидери на политички партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните. Пред сите нас е историска шанса за продолжување на европскиот пат со глас за Европа во македонското Собрание. Сега треба да се направи чекор напред и да се донесе одлука која води кон побрзо членство во ЕУ. Овој Манифест е на линија на политиките на ЛДП, тој е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ“,
додаваат од ЛДП.
Од партијата велат со потпишување на Манифестот политичките партии, претставени во Собранието, со своето делување се обврзуваат пристапните преговори да завршат под најповолните остварливи услови и во најкраток можен временски рок, потполно свесни за обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ.
Инаку, денеска владејачката коалиција објави Манифест во кој повикува политичките лидери, со потпишување на документот, да се обврзат на ефикасно водење на преговорите за пристапување во Европската Унија.
ВМРО-ДПМНЕ, откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став, изјави портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски.
