Mинистерот за земјоделство Љупчо Николовски информира дека Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите за проект од 2015 година вреден 660 илјади евра
Минатата недела амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, потврди дека Европската служба против измами (ОЛАФ) отворила истраги и подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотреба на европски фондови

фото: МИА
Проект од 2015 година, вреден 660 000 евра, за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) е случајот за кој Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите.
Како што информира денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски, не се работи за никаков договор или предмет поврзан со ИПАРД, туку за проектот што се реализирал преку ИПА-поддршката за МЗШВ.
Истрагата е веќе завршена и за случајот има конкретен предмет со конкретни правни дејства. Предметот е доставен до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а Министерството апелира случајот да биде комплетно расчистен.
„Имаме еден случај на ОЛАФ кој е завршен со препорака. Се работи за проект од 2015 година, но не поврзан со ИПАРД, туку со ИПА-поддршка на МЗШВ за одреден софтвер за кој државата треба да ги врати парите. ОЛАФ спровела постапка и констатирала дека има неправилности, поради што препорачува државата да ги врати средствата. За случајот, Владата на една од последните седници донесе одлука, согласно сите постапки, и предметот е пратен во Обвинителството“,
рече Николовски.
Министерот потенцира дека МЗШВ бара и апелира случајот да биде расчистен.
„Да бидеме јасни, прецизни и транспарентни. Не сакам да се наруши успешната ИПАРД-приказна. Ние треба да градиме доверба со луѓето, имаме 120 милиони евра на располагање и сакаме максимално да ги искористиме“,
подвлече Николовски.
Тој го покажа и документот според кој ОЛАФ има заврешно истрага за злоупотреба на ИПА средства преку проект реализиран во 2015 година, а се однесува на договор потпишан на 20 ноември 2015 година по тендерска постапка „Надградба на информациски систем за земјоделство и воспоставување системи за размена на податоци меѓу МЗШВ и другите релевантни институции, кој е спроведен децентрализирано, во рамки на Програмата за помош при транзиција и институционална надградба“.
„Европската комисија на 18 април 2023 година достави допис во врска со неправилност на договор финансиран од ЕУ преку ИПА. Владата преку Министерството за финансии го има разгледано и веќе постапува по извештајот доставен од завршената истрага на ОЛАФ. Значи, ова е завршена истрага во која има конкретен предмет со конкретни правни дејства. Обвинителството за организиран криминал веќе има тековна постапка за овој случај, а МЗШВ го повикува случајот да биде комлетно расчистен“,
дециден е Николовски.
Минатата недела амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, потврди дека Европската служба против измами (ОЛАФ) отворила истраги и подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотреба на европски фондови.
Како што пренесе „Еуроњуз Албанија“, во последните пет години ОЛАФ отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан за злоупотреба или неправилности поврзани со европските фондови, од кои 18 истраги се однесуваат на Северна Македонија.