Бабовски апелира граѓаните да го пријават секое труење со храна, но и препорачува при подготовка да се внимава на пет клучни работи за да не се предизвика контаминација

Во летниот период, посебно кога времето е екстремно топло како сега, дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време, советува директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, во интервју за МИА.
„Треба да се води смета и зготвената храна да не се остава на собна температура подолго од два часа, целата зготвена и леснорасиплива храна во колку што е можно покус рок да се олади на температура под пет степени Целзиусови, а пред послужување добро да се подгрее, на над 65 степени“,
вели Бабовски.
Директорот апелира граѓаните да го пријават секое труење и на тој начин да покажат одговорност.
„Зошто е важно да го пријавите труењето со храна? Ако мислите дека труењето е резултат на консумирање храна во ресторани или други објекти за храна, важно е да го пријавите, за надлежните служби и инспекторите да преземат мерки во рамки на своите овластувања. На тој начин ќе се спречи ширењето на заразната болест преку храната“,
вели Бабовски.
Исто така, граѓаните треба да бидат внимателни и кога подготвуваат храна, при што ги напоменува петте клучни чекори што ги препорачува Светската здравствена организација (СЗО).
„Граѓаните имаат голема одговорност во врска со безбедноста на храната, бидејќи со неправилна подготовка на здравствено исправна храна може да се предизвика нејзина контаминација и да се зголеми ризикот од болести преносливи со храна. Би ги спомнал петте клучни чекори што ги промовира Светската здравствена организација (СЗО) и до кои е нужно да се придржуваме сите: да се внимава на чистотата, да се одвои суровото од зготвеното, при подготвувањето темелно термички да се обработи, чувањето да е соодветно и да се користат здравствено исправна вода, како и свежи намирници“,
напоменува директорот.